Skip to main content

Книжевност

111 години од раѓањето на Ванчо Николески

Николески спаѓа во основоположниците на македонската книжевност за деца и нејзин најистакнат претставник во периодот непосредно по Втората светска војна.
 |  инфодеск  | 
Ванчо Николески

Денеска се навршуваат 111 години од раѓањето на Ванчо Николески ( 1912 – 1980 ), романсиер, раскажувач и поет.

Николески спаѓа во основоположниците на македонската книжевност за деца и нејзин најистакнат претставник во периодот непосредно по Втората светска војна.

Негови најпознати дела се поемата “Мице“, “Мое село“(песни), “Чудотворен кавал“(раскази), “Четиринаесет илјади ослепени“(историска поема за времето на Цар Самоил), “Волшебното самарче“(роман), “Гоце Делчев“(роман) и многу други.
За своето книжевно творештво, Николески бил добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите:„11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Во негова чест, Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.

Ванчо Николески е роден на 10 јуни 1912 година во с. Црвена Вода, Дебрца, Охридско. По завршувањето на основното училиште во родното место, гимназија учеше во Охрид, а Учителска школа во Скопје. Неколку години учителствуваше во селата низ Македонија (Белчишта, Косел и др.). Тој е еден од првите учители на македонски јазик во селата на ослободена Дебрца по Втората светска војна. Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Од 1950 година бил член на Друштвото на писателите на Македонија. Починал во Охрид, во 1980 година.

Вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ се одржа Омаж посветен на неговиот живот и творечки пат.

На настанот присуствуваа и ученици од ООУ „Ванчо Николески“ од село Лескоец .

Учениците се запознаа со творештвото на Николески, беа читани негови стихови кои посебно кај децата предизивикаа радост, а беше прикажана и првата епизода од култната ТВ серија „Волшебното самарче“ работена по делото на Николески.