Националната опера и балет најавува двојна изведба на балетот „Ана Каренина“
Националната опера и балет Ви најавува двојна изведба на ремек-делото „АНА КАРЕНИНА“, балетска претстава во два чина со одбрана музика од рускиот великан Петар Илич Чајковски на 23 и 26 јуни 2023 со почеток во 20.00 ч.
Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичката но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој.
Во повеќе од два часа, балетските уметници од Националната опера и балет со впечатливиот, емотивниот до исцрпување танц и инспиративните движења ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка…
Во главните улоги ќе настапат: Мими Поп Алексова Атанасовскa (23.6.), Марија Кичевска Шокаровска (26.6.), Бобан Ковачевски (Балаж Лочеи, Унгарија), Гиљерме Алвез (Португалија).
Настапуваат истакнати солисти и целиот балетски ансамбл на Националната опера и балет.