Ново орто-фото снимање на земјишните парцели на целата територија на Македонија
Потпишан договорот за спорведување на орто-фото снимање на земјиштето во Македонија, најави денеска министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Снимките во голема мерка ќе му помогнат на министерството во креирањето на земјишната политика, во делот на овоштарство, полјоделство, лозарство, шумарството и водостопанството и за управувањето со државното земјиште, објасни министерот.
„Целта на оваа активност е да бидат изготвени нови дигитални орто-фото карти, со највисока резолуција, кои понатаму ќе бидат искристени, покрај во земјоделството, ќе најдат широка примена и во областите од геодезијата, катастар, урбанизам, заштита на животна средина, кризниот менаџмент, одрбаната на државата и во други области каде овие податоци ќе бидат потребни.“ – кажа министерот за земјоделство.
Се планира снимањето да се спроведе во месец јули, а средствата во висина од 26 милиони денари овој пат се обезбедени во целост од националниот буџет на државата. Орто фото снимките ќе и помогнат на платежната агенција, во спроведување на новиот модел на контрола на субвенционирањето на земјоделството и намалување на злоупотребата и земање субвенции за земјиште кое не се обработува.
„Изработката на овие податоци е во согласност со стратешките приоритети на Владата, а токму министерството за земјоделство беше тоа кое инсистираше токму оваа година да биде истото направено. Но, и во согласност со нашите политики, креирани од нов модел на субвенционирање, кој ќе биде побрз, поефикасен со поголема контрола, што го овозможува токму ова снимање, насочен кон земјоделците кои вистински ја обработуваат земјата и произведуваат храна.“ – кажа министерот.
Со снимањето ќе се ажурираат податоците за сите референтни земјишни парцели, и точно ќе може да се утврди употребата на земјиштето. За 33 години, 4 пати е направено авионско снимање, кое доколку ги следиме европските препораки треба да се прави на секои три години, објасни Николоски. Последното орто-фото снимање на територијата на целата држава е спроведено во 2017 година, со средства од ИПА програмата на Европската Унија.