Skip to main content

Kласична музика

22 издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Од 15-ти до 18-ти јуни, млади уметници од десет држави ќе се натпреваруваат во дисциплините дувачки инструменти и камерна музика.
 |  инфодеск  | 
ohridski biseri

Денеска во Охрид, започнува 22-то издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“  2023. Од 15-ти до 18-ти јуни, млади уметници од десет држави ќе се натпреваруваат во дисциплините дувачки инструменти и камерна музика. Младите музичари од Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Полска, Романија, Србија, Словенија, Турција и од Северна Македонија, ќе настапуваат во салата на Општина Охрид. Натпреварот е отворен за публика.

Стручната комисија е составена од десет членови, врвни уметници и педагози по флејта, кларинет, обоа, саксофон, труба и хорна, од повеќе европски престижни музички академии како и од Факултетот за музичка уметност од Скопје. Тоа се: проф. Детлеф Бенсман од Германија, Роман Видашчек од Полска, проф. Гордана Јосифова Неделковска од РС Македонија, проф. Дејан Гавриќ од Германија, проф. Страшо Темков од РС Македонија, проф. Петер Арнолд од Германија, проф. Игор Цецохо од Белорусија/Полска, проф. Јасен Теодосиев од Бугарија и проф. Васо Ристов од РС Македонија.

Најуспешните натпреварувачи и годинава ќе имаат можност да освојат некоја од вредните награди: парични награди во износ од 1500, 1000 и 500 евра за највисоко рангираните, награди на здруженијата СОКОМ и СМУМ и Фондацијата „Зографски“. Општина Охрид на лауреатот, носител на наградата Гран при му доделува ракотворба филигрански накит, а организаторот на натпреварот  вреден накит – охридски бисери. Посебно значајна е и наградата на европската асоцијација на музички натпревари ЕМСИ, што на добитникот му овозможува годишна промоција на веб страната, учества на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови. Исто така три германски фондации ќе доделат вредни парични награди.

На свеченото отворање , во 20.30 часот,во салата на Општина Охрид концерт ќе одржат членовите на комисијата: Јасен Теодосиев и Петер Арнолд на хорна, Роман Видашчек на кларинет и Дејан Гавриќ на флејта.

„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар од нашата земја, член на ЕМСИ од 2005 година,  во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји и токму членувањето во ова здружение го издвојува натпреварот  „Охридски бисери“ во однос на бројни други натпревари кои се одржуваат во нашата земја и во регионот.

„Охридски бисери“ е првиот организиран меѓународен натпревар во областа на класичната музика во Македонија, кој од 2002 година до денес поставува високи стандарди во однос на програмскиот концепт и строгата селекција на наградени учесници па така привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет.

Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура на РС Македонија и Градоначалникот на општина Охрид.