Започна најголемата меѓународна конференција во земјава Преспа форум дијалогот
Во Струга денеска започна третото издание на Преспа форумот за дијалог насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?”, организиран од Министерството за надворешни работи, а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.
Преспа Форумот за дијалог оваа година се совпаѓа и со првиот јубилеј од потпишувањето на Преспанскиот договор.
Насловна тема на годинашниот ПФД е обединета Европа како клучен фактор за долгорочната безбедност и стабилност на континентот, пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континентот во Европската Унија.
На дводневниот форум на едно место се присутни видни домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, коишто ќе имаат одлична можност да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за најактуелните регионални и меѓународни теми.
Денеска во рамките на форумот се одржа Младински панел Креирање европски работни места дома и реформа на образованието што ќе ги подготви младите за професиите на иднината се клучни да се спречи одливот на мозоци од регионот. На младинскиот панел „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за справување со одливот на мозоци”, претставници на владини и меѓународни институции, здруженија на млади и невладини организации дебатираа за конкретни решенија со кои треба да се влијае врз намалување на миграцијата, особено на младите и како оние што се иселиле да се поттикнат да се вратат дома.
Меѓу бројните панели и сесии во Струга се одржа и панел дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан”.
Министерот за економија, Крешник Бектеши во неговото обраќање на панелот истакна: „Процесот на пристапување во Европската Унија е многу важен за целиот регион на Западен Балкан, секоја земја е во различна фаза, но треба да има јасна перспектива создавајќи посилни врски со институциите на Унијата. Зголемената регионална соработка е исто така од суштинско значење за да се искористат капацитетите за раст и развој на регионот. Поддршката на ЕУ е добредојдена како поддршка за градење капацитети, пристап до финансии, вмрежување и отворање можности за партнерства со партнерите од ЕУ”.
Во рамки на форумот, беа потпишани Меморандум за разбирање помеѓу Регионалната иницијатива за миграција, азил, бегалци (МАРРИ) и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) како и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Пријатели на Европа (Friends of Europe).