Skip to main content

ОЈО Скопје

Телата на загинатите во Лепенец дадени на обдукција, притвор за возачот кој претекнувал

ЈО ги утврдува причините за тешката сообраќајна несреќа која се случи завчера на патот Скопје – Блаце, а во која загинаа три лица членови на едно семејство од Косово.
 |  инфодеск  | 
Лепенец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје прибира докази за утврдување на причините кои доведоа до тешката сообраќајна несреќа која се случи завчера на патот Скопје – Блаце, а во која загинаа три лица членови на едно семејство од Косово. Нивните тела беа во автомобилот кој вчера попладне беше извлечен од реката Лепенец. 

„По извлекувањето на автомобилот „БМВ“ со косовски регистарски ознаки и трите тела на починатите патници од водите на реката Лепенец ќе биде издадена наредба за обдукција, а јавниот обвинител ги координира сите дејствија со цел обезбедување докази за расчистување на настанот. -информираат од Јавното обвинителство Скопје.

Додека во целост не бидат испитани сите околности и не биде утврдена причината за сообраќајната несреќа, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје вчера достави предлог за определување краткотраен притвор во траење од 48 часа за лицето кое беше задржано по несреќата.

„Станува збор за 64-годишен жител на Скопје кој управувал со автомобил „Фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки и кој во критичниот момент ја престигнувал колоната возила во која бил и косовскиот автомобил. Предлогот за определување краткотраен притвор е поднесен бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.“ стои во соопштението од Јавното обвинителство.

На патот Скопје – Блаце завчера автомобил „БМВ“ со косовски таблици се судрил со „Фолксваген туран“ со скопски таблички, кој претекнувал ја колоната возила, по што возилото БМВ паднало во реката Лепенец. Во него се возеле четири патници, членови на едно семејство, од кои се спаси само 21-годишниот син кој беше префрлен во болницата „8 Септември“ во Скопје и е надвор од животна опасност.