Концерт во чест на најпознатиот охридски трубадур Климе Садило
Во чест на виртуозот на виолина Климе Садило во среда на 21 јуни, „Чалгија саунд систем“ ќе одржи концерт пред платото од Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 21 часот. Концертот е дел од проектот „Заборавениот звук – во спомен на Климе Садило“, во организација на здружението „Арт вивенди“.
Климе Садило е претставник на македонската чалгиска традиција, што како културно добро најинтензивно била негувана во македонските градски средини, претежно во 19 и во 20 век. Роден бил 1881 година, а починал на 21 јуни, 1965година.
Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Најпрвин свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“.
Припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во неговата тајфа свиреле: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманов, Ѓоре Чочег, Димко Карче, Мехмет Утчи. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода.
Садило свирел на виолина нарекувана ќемане. Виолината од најпознатиот охридски трубадур од неодамна е изложена во Куќа на Робевци во рамки на постојаната етнолошка поставка.
Виолината Климе ја купил од семејството Лозанчеви од Битола во 1913 година каде го изучувал чалгискиот занает и на неа свирел до крајот на својот живот. Го познавал нотното писмо, свирел со лева рака, во стил со продорен, некогаш не толку чист, но и мекамлиски тон. Чалгискиот занает му бил единственото занимање со кое го издржувал своето семејство. Со тајфата настапувале во Охрид, Ресен, Кичево, Струга, Дебар, но и надвор од Македонија – Србија, Албанија, Бугарија.
Покровител на концертот во чест на Климе Садило е Министерството за култура, помагател Општина Охрид, а влезот е бесплатен.