Библиотеките од Врање и Охрид потпишаа Протокол за соработка
Во Врање – Србија минатиот четврток беше потпишан Протокол за соработка помеѓу НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и ЈУ Библиотека „Бора Станковиќ“ од Врање.Потпишан протоколот
Протоколот на српски и македонски јазик во присуство на колеги од двете Библиотеки и поканети гости од јавниот и културниот живот на Врање го потпишаа директорите Зоран Најдиќ и м-р Милчо Јованоски.
„Со овој протокол се потврдува трајната ориентација на охридската библиотека за воспоставување и ширење на соработката со библиотеки од регионот.“- рече во таа пригода директорот Јованоски.
Зоран Најдиќ, директорот на библиотеката од Врање на свечениот чин рече: Со овој документ се дефинирани партнерските односи со цел размена на искуства, поврзување на луѓето, библиотекарите, институциите и размена на книги и други материјали. И на овој начин покажуваме подготвеност да го збогатиме културниот дијалог.
Преку реализацијата на меѓународната соработка двете библиотеки ќе ги промовираат роднокрајните автори, националните култури и културно – историското наследство. На тој начин ќе се засилат стручните и уметнички капацитети а ќе разменуваат искуства и во областа на дигитализацијата на книжниот фонд.
На настанот присуствуваше и градската советничка за култура Изабела Савиќ која со честитката до двете библиотеки за воспоставената соработка, додаде: Верувам дека со потпишаниот Протокол ќе биде воспоставена соработка која ќе придонесе за меѓусебна размена на идеи, промоција на културно – историското наследство на Врање и Охрид, како и реализација на нови меѓународни проекти. Градското раководство ќе биде секогаш тука да ја поддржи секоја иновативна идеја која ќе значи унапредување на културните потенцијали на градот, рече Савиќ.
Охридската библиотека пред присутните се претстави со видео проекции сврзани со животот и делото на патронот – поетот и преродбеник Григор Прличев.
Во знак на воспоставената соработка НУ Библиотека „Григор Прличев“ подари книги со што го збогати македонското катче на библиотеката во Врање, а над 50 нови македонски наслови беа подарени и на македонското здружение „Гоце Делчев“ од Врање.
Договорено е во август делегација од библиотеката од Врање да ја посети НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.