МПЦ ОА повикува на протест против предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во пленарен (полн) состав, одржана на 20 јуни 2023 година, со особена грижа ги разгледа предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост, се вели во соопштението од од Канцеларијата на САС.
„Светиот архијерејски синод изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорираа Соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат над 95% од населението. Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие Закони за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.“ – велат од синодот.
Од светиот синод велат дека будно ги следат сите случувања, активни притисоци за носењето на овие Закони, и дека се доведени до ситуација да мора да го заштитат и одбранат семејството, а пред сѐ децата.
„Повикуваме, во оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права, да ни се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации, и сите подржувачи заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзиното искоренување спомнат во член 23 т. 5 од предлог-законот, и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие Закони.“ – се вели во соопштението од Канцеларијата на САС.