Старт на туристичката сезона со најубавите вина
Во нов термин кој симболично треба да го означи и стартот на годинешната туристичка сезона, утревечер започнува второто издание на „Охридски вински фестивал“. Минатогодишното прво издание на овој празник на виното, храната и музиката, се покажа повеќе од одличен. Целта на фестивалот е да стане традиционален и да ја дополни богатата културна програма на Охрид.
„Оваа година за да имаме и посериозна и поголема посетеност го направивме во период да означува еден вид на почеток на туристичката сезона.„Ние како општина се надеваме дека оваа година уште пошироко ќе одекнат позитивните критики како Охридски вински фестивал“ и од година во година се надевам дека ќе расне и ќе добие поголем замав, а секако и поголема посетеност, како од домашните, така и од странските туристи“, – вели Кирил Пецаков – Градоначалник Општина Охрид.
Македонската енолошка понуда е една од најквалитетните во Европа и особено на Балканот. Фестивалот ќе се оддржи на 22, 23, 24 јуни. Охриѓани и гостите ќе може да уживаат во тридневната дегустација на македонските вина и вкусната храна, дополнети со богата музичка програма во изведба на македонски музички уметници. Годинава, своите вина ќе имаат можност да ги презентираат повеќе од 20 винарии од големите вински брендови и компании, како и некои од помалите винарии во државава.
„Имаме исто многу мали семејни винарии кои ќе учестуваат. Вкупно се повеќе од дваесет винарии.„Оваа година се пријавија многу повеќе винарии, лани имавме 10-12 оваа година имаме над 20 винарии, со посериозно учество на самиот фестивал. Ќе видите и сами и гостите ќе видат колку посериозен и поголем анстанот ќе биде“, – објасни Пане Темов – ко-организатор „Охридски вински фестивал“.
Отварањето на годинешното издание на фестивалот е резервирано за групите Баклава, Куку Леле, како и реномираниот изведувач на народна музика Миле Кузмановски.
Во петок ќе настапат „Брас Брадрс“, охридските рокери „Бекдор Бенд“ и „Лугер“, како и легендарните „Нокаут“. Последниот ден од фестивалот, сабота е резервиран за поп пеачот Александар Јосифовски, „Фиц енд д инвизиблс (најголемите хитови на студени нозе)“ и „Фанк Шуи“. Сите денови настанот ќе го отвара диџеј РУТБОЈ СЕЛЕКТОР од 18:00 часот, а бендовите ќе ги забавуваат гостите до 01:00 часот.