Пет настани за 5-тото културно-забавно лето на „Културолошка Иницијатива 5 до 12″.
Пет главни настани симболично за 5-тото јубилејно, алтернативно културно-забавно лето на „Културолошка Иницијатива 5 до 12″. Деновиве на најразлични локации во Охрид и околу градот, младите, но и оние кои така се чувствуваат, охриѓани и туристи, ќе уживаат во богатата програма.
„Сакам да потенцирам дека во овие пет години сме направиле голем број на работи кои за среќа не остануваат незабележани. Се надевам дека така ќе продолжиме бидејќи во овие пет години, имаме организирано повеќе од 50 настани генрално само од нас и плус уште толку каде сме биле соработници, ко-организатори, и се надевам дека така ќе продолжиме. Дека ќе ја имаме поддршката од Охриѓани, дека тоа најмногу ни значи, младите да ги посетуваат нашите настани. Кога гледаме дека се задоволни, мсилам дека сме ја постигнале целта.“ – изјави Јован Цветкоски од „Културолошка Иницијатива 5 до 12″
Оваа година програмата започнува со еден од најголемите настани во претходните години во Охрид, а тоа е отвореното летно кино со автомобили, Summer Drive-in Cinema, настан кој започна за време на пандемијата и се покажа како многу популарен како кај охриѓани, така и кај туристите.
„Почнуваме во петок, завршуваме во недела. Ќе даваме три филмови. Првиот е во петок, „Снежана на крајот умира“, македонски филм издаден минатата година. Во сабота, ќе биде проектиран филмот „Парада“, српски филм, а во недела ќе завршиме со филмот „Некрстени денови“ којшто е словачко-чешко-македонска продукција.“ – изјави Ристе Лекоски.
Покрај летното кино на отворено, староградска пловидба со „Ансамблот Билјана“, до натпревари во возење скејтоборд и други спортски активности и се тоа на најатрактивните локации кои нашиов град ги нуди. Содржини без кои летото во Охрид не би било толку забавно, а на кои охриѓани и гостите им се навраќаат секоја година, некои познати по добри стари и забавни рецепти, а некои и нови.
„Би завршиле со еден иновативен и нов настан оваа година на 23.09. „Museum mesham“, на кој ќе ги промовираме музеите, и различни нови точки и нови настани на различни локации кои ќе имате пристап да ги посетите.“ – изјави Јаков Јованоски.
Покрај главната програма, очекувајте настани и од off програма, настани објавени во 5 до 12, secret events организирани преку old school принципот со SMS пораки, настани до крајот на оваа календарска година, откриваат организаторите. И ова лето Охрид ќе пулсира во знакот на младоста, спортот, културата и забавните активности се до крајот на сезоната. Културолошката инцијатива завршува на 23 септември.