Skip to main content

Месо од лабораторија до трпеза

Одобрена продажба на месо направено во лабораторија

САД издадоа лиценци на две компании да продаваат пилешко месо одгледано од животински клетки во лабораторија.
 |  инфодеск  | 
лабораторија

Американското Министерство за земјоделство изврши увид и ги одобри системите за безбедност на храна во објектите на компаниите „Upside Foods“ и „Good Meat“ со што се отвора патот на месо произведено во лабораториски услови од животински клетки да биде достапно за исхрана.

Компаниите соопштија дека производите наскоро ќе бидат достапни во рестораните, а потоа и во маркетите.

Месото се одгледува во лаборатории во челични резервоари, користејќи клетки од живи животни или од посебна банка на репродуктивни клетки.

Управата за храна и лекови на овие компании им издала лиценци во ноември, а минатата недела по проверката била одобрена и содржината на етикетите на идните производи.

„Ова одобрение суштински ќе го промени начинот на кој месото доаѓа на нашата трпеза. Тоа е огромен чекор напред кон поодржлива иднина – онаа која го зачувува изборот и животот“- рече Ума Валети, извршен директор и основач на компанијата „Upside Foods“.

Првата пратка лабораториско месо ја доби ресторанот „Бар крен“ во Сан Франциско, кој има три „Мишелин“ ѕвезди.

Со ова одобрение, САД ќе станат втората земја во светот, по Сингапур, која ќе дозволи продажба на таканаречено култивирано месо.