Skip to main content

Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања”

Вевчани домаќин и инспирација на светските сликари

Во живописното Вевчани од сабота започнува 12-тата Меѓународна ликовна колонија Вевчански видувања. Оваа година на Колонијата свое учество ќе земат околу 25 афирмирани сликари од Република Македонија, од балканските држави, како и од неколку европски земји.
 |  инфодеск  | 
vevcanski viduvanja

Живописното Вевчани и годинава ќе биде домаќин и инспирација за врвните светски уметници.

Се е подготвено за дванаесетото издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански Видувања”. Оваа година на Колонијата свое учество ќе земат преку 20 афирмирани сликари од Република Македонија, од балканските држави, како и од неколку европски земји.

И годинава како дел од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања” се организира и Летна ликовна школа за деца, во чии рамки повеќе од 40 млади идни уметнички надежи ќе имаат несекојдневна можност да се запознаат со тајните на сликарската уметност.

Уметниците најчесто ги сликаат Вевчанските извори, автентичните сокаци, старите куќи, дрвјата и цвеќињата на Јабланица.

„Ќе имаме околу 25 учесници од неколку европски змеји и од Македонија се разбира.Ќе творат во овие две недели, а Вевчани ќе пулсира во знакот на уметноста. Особено ми е драго што оваа година имаме два нови проекти, едниот за млади сликари и таленти од 18 до 24 години кои ќе бидат во вевчани заедно со своите колеги. Вториот проект е детската ликовна школа на која што повеќе од 30 деца ќе бидат присутни да учат стари добри сликарски школи” – изјави Ефимија Угриноска организатор на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања”.

Свеченото отворање на Колонијата е во сабота на 24 јуни. Во знакот на долгогодишното постоење на Колонијата, на почетокот ќе му биде доделено одличието „Плакета порта” на академскиот сликар Ставре Димитров Стадим, по што ќе следува стенд-ап шоу на добропознатиот Сашко Коцев и музички настапи на  Калиопи и Владо Јаневски.

„Ова е еден склоп на впечатоци и импресии со кои што заминуваат низ годиниве што изминаа. Во зависност од нивниот правец и техники имаат иснпирации од водата, чистиот воздух, архитектурата, сокаците, сите се воодушевуваат. Имаат одлични услови за творење, за меѓусебно запознавање, за дружење”, додава Угриноска.

Почнувајќи од 2010-та, секоја година традиционално на крајот на месецот јуни,  во Вевчани се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања”. Низ годиниве свој белег оставиле преку 200 врвни сликари учесници на колонијата.  Уметничките дела создадени во падините на Јабланица низ годиниви биле претставени на изложби ширум светот во Париз, Москва, Лондон и други светски метрополи.

Новинар Соња Рилковска