Skip to main content

Министерство за животна средина и просторно планирање

Со имплементација на европски закони против индустриското загадување

Со еден милион евра тежок твининг проект меѓу Македонија и Грција ќе се зајакнуваат капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на индустриското загадување. Тоа треба да придонесе за добивање на подобри индустриски дозволи и да му се озоможи на индустрискиот сектор соодветно да ги исполни стандардите од областа на животната средина.
индустриско загадување

Стартуваа активности на твининг-проектот „Понатамошно зајканување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на индустриското загадување“. Кога се носи ново законско решение и кога дел од европското законодавство се става во македонското, постои одреден отпор, но на овој начин индустријата ќе може полесно да ги исполни сите европски стандарди за зачувување на животната средина, информираше Министерката за животна средина Каја Шукова.

„Она што ни е битно, е секако да продолжиме со процесот на националното законодавство во делот на индустриското загадување, но и да ги зајакнеме капацитетите, како би можеле да имаме што подобри интегрирани дозволи, за нашиот партнер, индустријата, секако да може соодветно да ги исполни стандардите од областа на животната средина.“- изјави министерката Шукова.

Шукова објасни дека македонското законодавство редовно ги следи најдобрите европски практики за заштита на животната средина и кажа дека последните години повеќе се носат и имплементираат програми и мерки за заштита на  животната средина. Стефен Худолин – раководител за соработка на Делегацијата на ЕУ во РСМ објасни дека станува збор за твининг проект тежок еден милион евра, каде преку соработката со експертите од Грција и Македонија, ќе има директен бенефит во справување со предизвиците кои ги носи индустриското загадување.

„Преголеми се разликите помеѓу проблемите кои индустриското загадување ги предизвикува тука во Македонија и начинот на кој земјата се справува или не се справува со тоа. Имплементацијата на овој проект во соработка со Грција, ќе биде само еден почеток. Успехот ќе зависи од тоа како ќе се имплементираат мерките, и како институциите ќе се справат со индустриското загадување, кое претставува голем проблем во вашата земја.“- кажа Худолин.

Петнаесет експерти од областа за справување со индустриското загадување од Грција и Словачака, а по потреба и од други европски земји, ќе треба да помогнат во имплементацијата на европските директиви за справување со индустриските емисии, истакна раководителот на проектот, Стилианос Мавроматис.

„Ова е директива која цели за намалување на штетните емисии. Знаеме дека индустријата е еден од поголемите загадувачи. Не е единствениот, но оваа директива се фокусира на индустриските загадувачи. Треба да се разбере дека во последните 20 години има подобрување на животната средина во европската заедница, токму поради оваа директива.“ – истакна Мавроматис.

Проектот е во вредност од 1 000 000 евра, ќе трае 20 месеци и опфаќа 3 компоненти:

  • Подобрување на изменетиот Нацрт – Закон за контрола на индустриските емисии, на новите нацрт- подзаконски акти и измените на постојните, подготвени во согласност со проценката на разликите направена во рамките на проектот.
  • Подобрување на процедурата за Оцена на влијание врз животната средина за активностите на Интегрираните еколошки дозволи
  • Подобрување на процесот на издавање на дозволите и поставките на гранични вредности на емисии за Интегрирано спречување на загадувањето.