Skip to main content

„ХВА РАНГ ИТФ“ – Лескоец

Во сабота Меѓународен таеквондо ИТФ натпревар „Охрид Опен 2023“

Се е подготвено за третото издание на Меѓународниот натпревар во традиционално теаквондо „Охрид Опен 2023“, кој оваа сабота ќе донесе дел од ИТФ елитата од Македонија и регионов во Охрид, Повеќе од двеста натпреварувачи и повеќе од дваесет судии се само дел од импозантните бројки на годинешното издание на турнирот.
 |  Голабовски Крсте  | 
таеквондо

Празник за љубителите на таеквондото во Охрид. Оваа сабота, во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се одржи третиот Меѓународен таеквондо ИТФ натпревар „Охрид Опен 2023“. Натпреварот е во организација на клубот „ХВА РАНГ ИТФ“ од Лескоец. Организацијата на натпревар од ваков калибар на еден од најатрактивните боречки спортови во моментов, не е лесна работа, објаснува Марјанчо Лазаревски, претседател „Хва-Ранг ИТФ“ и организатор на натпреварот. Но, со поддршка на спонзорите и Општина Охрид, реализацијата стана возможна, додава тој.

„Сам е многу тешко да се организира ваков натпревар. Но, благодарение на нашите поддржувачи, го организираме трет пат, по сите европски стандарди, што е многу тешко да се организира. Но, ние даваме се од себе и сакаме од година во година да биде подобро. Секоја наредна година да биде подобар од претходната.“- вели за ТВМ, Лазаревски.

Марјанчо Лазаревски

На натпреварот учество ќе земат околу 200 учесници од 24 клубови од Македонија, Чешка, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, вели Лазаревски. Шест клубови ќе ги бранат боите на нашата држава, најбројни од Охрид. Покрај организаторот, учество ќе земат и Клубот „Мастер“ од Охрид, „Ахилиус“ од Скопје, „Чонџи“ од Косел, „Сонкал“ од Мислешево и „Хваранг фист“ од Охрид. За спортистите учеството на вакви натпревари е од огоромно значење за градењето на еден спортист, бидејќи ниту еднен тренинг не може да го замени чувството на соочување со противник во рингот, вели Лазаревски.

„Ваквите натпревари се многу потребни од спортски аспект за изградувањето на врвни спортисти. Прво, спортистите добиваат самодоверба, ја победуваат тремата, односно, за да одат на врвни натпреварувања, мора да учествуваат на многу вакви натпревари. Ќе ја совладаат техниката, ќе видат каде имаат пропусти, и добиваат мотив за понатака. Многу е поинаку, на вреќата секој може да удри, но друго е кога ќе влезеш во рингот со непознат противник.“ – посочува Лазаревски.

Свеченото отворање на турнирот ќе биде во сабота, во 15:30 часот, од страна на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, а предвидени се обраќања на градоначалникот Кирил Пецаков или претставник од општината, како и претставници од генералните спонзори. Влезот на натпреварот за сите љубители на овој атрактивен спорт ќе биде бесплатен.