По Дубровник и Будва и Сплит воведоа казни за шетање по костим за капење низ град
Општинските власти во туристичките центри на Јадранот секоја година носат одлуки под притисок на локалното население во поглед на секојдневното живеење и функционирање за време на летната сезона. Па така оваа 2023г во некои од овие приморски градови стапи на сила одлука со која им се забранува на туристите но и на локалното население да шетаат по костим за капење низ градските средини.
Казната за шетање во Будва во костим за капење е 200 евра, одлучија од Општина Будва.
Според Одлуката за комуналниот ред, во костим за капење може да се седи само во зоните за капење. Паричните казни се поригорозни во однос на санкциите кои беа предвидени со претходната одлука. За почитувањето на оваа одредба надлежна ќе биде Комуналната инспекција и полицијата на Општина Будва.
Со усвојувањето на оваа одлука во локалниот парламент Будва од оваа година им се придружи на Сплит и на Дубровник, кои воведоа казни за разголени туристи.
На првиот ден од годинава во Сплит стапи на сила новата одлука за комунален ред во која се пропишани повисоки казни за прекршителите. Доколку прошетате по костими за капење на улиците и бидите фатени од комунален редар следува казна од 150 евра, известија хрватските медиуми.
Казна од 150 евра е пропишана и за оние кои пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е согласно одлуката за условите и начинот на чување миленици и изнесува 66,36 евра.
Во сезона за спроведување на одлуката се грижат 21 комунален редар, а уште 12 чекаат на повик во градската управа.
Дубровник има слична одлука за комунален ред, а казните изнесуваат 1.000 куни. Во Дубровник таканаречениот „бикини закон“ е на сила години наназад, но локалното население негодуваше дека властите не го спроведуваат доследно.
Инаку, забраната не се однесува само на женскиот пол, туку и мажите не смеаат да шетаат по улиците само по шорцеви.