Ногачески: Штетите од градот врз земјоделските култури во Дебрца се 100%
Силното невреме проследено со врнежи од град во југозападниот регион пладнево ја погоди Општина Дебрца. Извесно е дека градот предизвика штети по земјоделските насади но според градоначалникот Зоран Ногачески истите се огромни.
„ Вакво нешто не сум доживеал во животот,кое денес, ја зафати општина Дебрца,за миг ја однесе во неповрат земјоделската мака. Уште сега со сигурност можам да кажам дека штетите на земјоделските култури се 100%. Нема нешто да остана здраво.“ – вели градоначалникот.
Општината ќе ги спроведе сите стандардни постапки за пријавување на штетите.
„Сепак, тоа не е решение. И во минатото сме правеле вакви постапки,но ретко кога и по години подоцна Владата исплаќала само некој симболичен надомест за штетите.“ – вели Ногачески.
Поради тоа, тој апелира до Владата и Министерството за земјоделство да се обезбедат средства од интервентниот фонд за земјоделство и да се обештетат земјоделците, во спротивно, како што вели, ова е крај за основната егзистенција.
Додава дека потребно е системски да се реши проблемот со осигурувањето на земјоделските култури од вакви елементарни непогоди,кои поради климатските промени во иднина ќе бидат се почести.