Skip to main content

Бунтот на Вагнер заврши, настрада имиџот на Путин

Руските власти ќе ги отфрлат сите обвинувања и ќе ги прекинат истрагите против шефот на платеничката паравојска Евгениј Пригожин, неговите луѓе кои учествувале во бунтот ќе бидат помилувани, а другите припадници на Вагнер ќе можат да потпишат договори со редовната руска армија, соопшти Кремљ.
 |  инфодеск  | 
Пригожин

Во Русија заврши еднодневниот бунт на платениците од „Вагнер“.

Евгениј Пригожин, водачот на платеничката група Вагнер, со своите војници го напушти јужниот руски град Ростов на Дон. Заминувањето на групата уследи по договорот постигнат со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко според кој Пригожин и неговите војници платеници ќе избегнат гонење, а Пригожин ќе замине во егзил во Белорусија.

Вчера додека паравојската беше далеку во Ростов, во Москва се вршеа евакуции на објекти , по улиците излегоа оклопни возила, па дури имаше информации и дека се копале ровови. Путин зборуваше за велепредавство и дека ќе ги казни предавниците. На крајот сите се помилувани.

Руските власти ќе ги отфрлат сите обвинувања и ќе ги прекинат истрагите против шефот на платеничката паравојска Евгениј Пригожин, неговите луѓе кои учествувале во бунтот ќе бидат помилувани, а другите припадници на Вагнер ќе можат да потпишат договори со редовната руска армија, соопшти Кремљ.

Путин Пригожин

Според портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, ситуацијата нема да влијае на текот на „специјалната воена операција“ во Украина. Командантот на украинската армија Валериј Залужни, пак, тврди дека украинската контраофанзива „се одвива според планот“.

На крајот од денот од конфликтот меѓу Пригожин и руското воено раководство, особено министерот за одбрана Шојгу и началникот на Генералштабот Герасимов, штета беше нанесена само врз имиџот на Путин.