Skip to main content

OO на СДСМ Охрид

СДСМ Охрид прашува за што граѓаните му плаќаат на ЈП „Градски гробишта“

„Гробните места во Охрид се најскапи во Македонија и ја покачија и на цената за нивно одржување, а менаџерскиот тим на ова претпријатие не најде за згодно и време, бар да одржува ред и хигиена на просторот. За што ли народот ве плаќа ?„ – се вели во дописот од СДСМ Охрид.
 |  инфодеск  | 
sdsm ohrid

Кога оние кои треба да бидат во служба на народот и на граѓанинот почнуваат да си поигруваат со човековото достоинство, тогаш е дојдено сериозно време да се замисли човек : кому ли охриѓани му поклонаа доверба во октомври 2021 година ? – прашуваат од општинската организација на СДСМ Охрид. Оттаму, преку соопштение до медиумите повторно упатуваат критики на адреса на локалната власт на ВМРО ДПМНЕ во Охрид, овој пат за работењето на ЈП „Градски гробишта“.

„Покрај тоа што народот плаќа поскапи комуналии, поскапи услуги од ѓубретарина – а живееме во град кој е нечист и несреден, поскапи услуги за паркинг – а дочекавме и на прописни паркинг места да ни бидат отстранети возилата, покрај тоа што газиме во ископини и прашина по несредени улички да не можеме дворовите да си ги дочистиме, дојде ред и да не може човек достоинствено да си го обезбеди вечното почивалиште.  Откако ЈП „Градски гробишта” Охрид уште претходно речиси за 100% ги покачи цените на гробните места во христијанскиот и во муслиманскиот дел, со што гробните места во Охрид се најскапи во Македонија и ја покачија и на цената за одржување на гробните места, менаџерскиот тим на ова претпријатие не најде за згодно и време и покрај ударот што му го зададе на џебот на граѓанинот, бар да одржува ред и хигиена на просторот. За што ли народот ве плаќа ?„ – се вели во дописот од СДСМ Охрид.

Од СДСМ Охрид додаваат дека сликата на градските гробишта била жална, посебно на муслиманскиот дел на гробиштата кој, како што велат, изобилувал со смет, ѓубре, нафрлана земја, расфрлани бекатон плочки и тотален хаос.

„Но ништо поразлично не е ни на македонскиот дел, каде освен искршени чешми и расфрлано ѓубре, може да се забележеат и искршени клупи и целосно неискосени предели. Се запрашавме која е причината за неажурноста на вработените, при што стигнавме до информација дека на вработените им се доцни исплатата на плата… за сметка на тоа, директорот на претпријатието си одлучи да си вработува нови лица во административниот оддел, очигледно немајќи ни грам грижа ни совест што постоечките вработени не ја примаат редовно ни заслужената плата.“ – велат од СДСМ.  

Од охридскиот огранок на СДСМ прашуваат „дали наредната година ќе следи повторно дупло поскапување на цените на услугите со цел директорот да може да ги исполнува партиските барања и да направи уште поголем неред и хаос во претпријатието„ доколку ова претпријатие ја заврши и 2023 година со минусно салдо како и 2022 година.