Skip to main content

Струшки вечери на поезијата – ЧУВСТВОТВОРЕН ЈАЗИК

Струга во август ќе пулсира во знакот на поезијата

Се е подготвено за најстарата поетска манифестација во земјава Струшки вечери на поезијата. Повеќе од 25 поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на главните поетски читања. Организаторите најавуваат богата програма.
 |  инфодеск  | 
SVP

„Струшки вечери на поезијата” како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и  годинава, во вообичаениот термин, на крајот на август, од 24 до 28 август во своето автентично издание на препознатливите локации. Свеченото отворање на фестивалот  ќе се одржи на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци”, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.

Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.

„Мотото на годинешниот фестивал е ЧУВСТВОТВОРЕН ЈАЗИК. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик како јазик створен, односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот па во таа смисла таа е и ЧУДОТВОРЕН ЈАЗИК” – изјави директорот на фестивалот  Тодорче Тасевски.

Фестивалот доби и нова современа веб страница за дигитално архвирање на богатата поетска  историја.

„Еден од приоритетите е „Дигитално архивирање: Служејќи како дигитална архива, веб-страницата ја зачувува богатата историја и обемните поетски колекции на СВП. Дигитализацијата на ваквите културни ресурси овозможува нова база на податоци за збирки поезија која е лесно достапна за публика на глобално ниво. Изградивме силна техничка основа која може лесно да се приспособи на идни потреби и да даде простор за развивање на идни специјалности и подобрувања, вклучувајќи виртуелни настани, мултимедијална содржина и интерактивни простори”, – изјави Сем Кенеди од името на компанијата Кенеди Технолоџис.

Струшки вечери на поезијата

Оваа година, во рамки на Програмата на јубилејот на одбележување на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов,  предвидени се неколку нови содржини: Изложба на фотографии поврзани со учеството на Ацо Шопов на Струшките вечери на поезијата и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот. Ацо Шопов, имено е претседател на првиот Фестивалски Одбор.

„Во рамки на Програмата, предвидени се портрети  на добитниците на наградите „Мостови на Струга” (годинешниот добитник е ирскиот поет Гевин Бредли, кој живее и работи во Канада) како портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2023 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС”, проект поддржан од Европската Комисија”,  – додава Тасевски.

„Струшките вечери на поезијата” го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја докажува моќта на поезијата да го обедини светот.

Новинар Соња Рилковска