Skip to main content

Италијанците бараат почит кон културата

Италија го бара туристот кој си го напиша името на Колосеумот

Министерот за култура Џенаро Сандуљано го нарече ова сквернавење на речиси 2.000 години стариот амфитеатар на Флавија „сериозно, недостоинствено и знак на голема непристојност“. Казната со која се соочува овој турист се движи од 15.000 долари до пет години затвор.
 |  инфодеск  | 
Колосеум

Министрите за култура и туризам на Италија ветија дека ќе пронајдат и казнат туристот кој бил снимен како го издлабува своето име и името на неговата девојка на ѕидот на римскиот Колосеум, што е прекршок казнив со парична казна во Италија.

Видеото од инцидентот стана вирално на социјалните мрежи. Пораката „Иван+Хајли 23“ осамна на Колосеумот во време кога локалното население веќе се жали на однесувањето на туристите кои оваа сезона во рекорден број го преплавуваат Вечниот град.

Министерот за култура Џенаро Сандуљано го нарече ова сквернавење на речиси 2.000 години стариот амфитеатар на Флавија „сериозно, недостоинствено и знак на голема непристојност“. Тој рече дека се надева оти виновниците ќе бидат пронајдени „и казнети според нашите закони“. Италијанската новинска агенција АНСА забележува дека овој инцидент е четврти пат оваа година да се забележат вакви графити во Колосеумот.

Казната со која се соочува овој турист се движи од 15.000 долари до пет години затвор. Министерката за туризам Даниела Сантанче рече дека се надева оти туристот ќе биде санкциониран „за да ја разбере тежината на неговата постапка“. Повикувајќи на почит кон италијанската култура и историја, таа вети: „Не можеме да дозволиме оние кои ја посетуваат нашата земја да мислат дека можат да се однесуваат на овој начин.“

Во 2014 година, руски турист беше казнет со 20.000 евра (25.000 американски долари) и доби четиригодишна условна затворска казна поради изгравирање на голема буква „К“ на ѕидот на Колосеумот. Следната година, двајца американски туристи беа исто така санкционирани затоа што ги врежале нивните имиња на споменикот.

Инаку, годинава се очекува рекорден прилив на туристи во Италија, кој ќе ги надмине бројките пред пандемијата и врвот од 2019 година.

Извор: Агенции