Српскиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали денеска изјави дека државата ќе помогне во лекувањето на маж чија ќерка започнала кампања за собирање пари за неговото лекување со продажба на крофни.
„Имаме пари, ќе помогнеме. За тој случај дознав синоќа, човекот не ни се обрати за помош, но денеска ќе му биде разгледана документацијата. Жал ми е што претходно не контактирал со државните институции. Секако дека ќе помогнеме.“ – изјави Мали како гостин во Утринската програма на ТВ Пинк.
За да помогне во лекувањето на нејзиниот татко, Нина од Нови Сад секој ден од 17 до 19 часот продава крофни по симболична цена од 100 динари во населбата Адице. Нејзината мајка преку група на Фејсбук ја информирала јавноста за продажбата на крофни. Граѓаните масовно се одзвале на повикот за помош, не само од Нови Сад туку и од околните градови. За брзо време Нина почна да продава и по 500 крофни на ден, па побара помош од „тетки“ да и помогнат да прави повеќе крофни.