ХОТАМ ќе бара одговорност ако не завршат навреме градежните работи кај Подмоље
ХОТАМ ќе бара одговорност доколку до 10 јули не завршат градежните зафати на патот кај Подмоље. Од хотелската асоцијација велат туристичкиот сектор трпи огромни штети од затворањето на влезот кон Охрид и пренасочувањето на сообраќајот на стариот пат во ек на летна сезона и воопшто од лошата патна инфраструктура на брегот на Охридското Езеро.
Најкритична е делницата, која го поврзува Охридскиот аеродром со двата туристички центри, но и автопатот Охрид – Кичево кој веќе осум години е во изградба.
„Ако тоа не се направи следува некаква одговорност, ќе мора некој да сноси одговорсност 0147Ако тоа се задолжи исто како автопатот може да трае со месеци и сезоната ќе помине се трпат огромни штети, не само ние индирекно сите трпиме штети.“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Лошата патна инфраструктура во двата туристички центри на брегот на Охридското Езеро е една од главните забелешки на гостите.
„Има поплаки, поготово на повратници гости кои ни доаѓаат секоја или секоја втора година. Ако биле пред некоја година сме рекле збогум следен пат кога ќе дојдете патот ќе биде направен и кога ќе дојдат не се случува тоа. Веќе и со шега го сфаќаат тоа”, додава Блажески.
Со уредена патна инфраструктура вдолж брегот на охридското крајбрежје ќе се збогати туристичката понуда и ќе се зголеми движењето на гостите почнувајќи од Свети Наум па се до Радожда, што ќе придонесе за пораст на локалната економија.
Новинар Соња Рилковска