Skip to main content

2000 полицајци распоредени од утрово во случај на натамошно насилство

Париз во пламен откако полицаец застрела тинејџер

Полицаецот осомничен дека пукал е обвинет за убиство, иако полицијата првично излезе со информација дека момчето со својот автомобил се движел кон полицајците доведувајќи ги во опасност.
 |  инфодеск  | 
paris

Убиството на 17 годишно момче од страна на сообраќаен полицаец во предградие на Париз предизвика нереди, протести и судири со полицијата. Запалени се автомобили и контејнери. Полицијата употреби солзавец и во текот на ноќта уапси 31 лице. Полесно се повредени 24 полицајци, а опожарени се околу 40 автомобили.

Тинејџерот со алжирско потекло, кој бил застрелан од полицаец откако не го запрел возилото, починал од прострелни рани во градниот кош. На видео кое кружи на социјалните мрежи се гледаат двајца полицајци кои се обидуваат да сопрат жолт „мерцедес“. Едниот низ прозорецот од возилото вперил пиштол кон возачот од непосредна близина, а откако автомобилот повторно почнал да се движи, се слушнал истрел.

Полицаецот осомничен дека пукал е обвинет за убиство, иако полицијата првично излезе со информација дека момчето со својот автомобил се движел кон полицајците доведувајќи ги во опасност. Во автомобилот во моментот на пукањето имало уште две лица, од кои едното побегнало, додека другото е задржано во полиција.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави дека видеото објавено на социјалните мрежи е „крајно шокантно“. Тој ги повика луѓето да ја почитуваат тагата на семејството и презумпцијата на невиност на полицијата.

Министерот најави и дека во текот на денешниот ден ќе бидат распоредени 2.000 полицајци за да се справат со евентуалното натамошно насилство. „Француската влада попладнево ќе одржи безбедносен состанок на кој ќе се разговара за следните чекори“, рече министерот Дарманин.