Ковачевски: Не само Мерко, оставки да дадат и сите советници кои поддржувале одлуки
Институциите да ги проверат наодите по сите основи, зошто Рамиз Мерко се нашол на црната листа на Соединетите Американски Држави. „За 7.828 километри од Скопје до Вашингтон, повторувам дека е несфатливо како можело таму истражителите да имаат информации, а овде да нема во задолжените институции.“ – рече премиерот Димитар Ковачевски од говорницата на денешната сесија за пратенички прашања во Собранието, одговарајќи на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој праша дали премиерот ќе побара оставка од градоначалникот на Струга.
Секој избран функционер треба да работи согласно закони и интерес на граѓаните, затоа ги повикувам институциите да ги проверат наодите по сите основи. Мерко бил во коалиција со сите партии, а сите советници од општината кои поддржувале одлуки, сите заедно треба да си дадат оставки“, рече Ковачевски во Собранието додавајќи дека најдолг период на функцијата Мерко бил во време на коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку ги погледнете основите по кои е донесена одлуката од Стејт департментот за ставање на црната листа, во текот на извршувањето на функцијата бил во коалиција со сите политички партии, вклучително и со вашата во најдолг период од неговата кариера, тогаш мојата порака би била – доколку не работеле во интерес на граѓаните, за што треба да потврдат институциите, не само градоначалникот на Струга, туку и сите советници од сите советнички групи кои поддржувале одлуки во текот на сиот изминат период сите заедно треба да си дадат оставка.“ – рече премиерот.
Пратеникот Стојановски рече дека Ковачевски немал храброст да побара оставка од Мерко во страв, како што рече, дека ДУИ ќе ја напуштат коалицијата и ќе треба да оди на избори.