Skip to main content

„Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро и пошироко во Македонија“

Тупаре носталгично раскажува за минатото на веслањето, кајакот и едрењето во Охрид

Во книгата се спомнати голем број охриѓани кои биле дел од развојот на водените спортови , ако некого сум пропуштил се извинувам но да се напише книга на 80-тина години не е така лесно.  Се надевам дека оваа книга ќе послужи и како едукативно четиво за многу други идни генерации.„ – кажа Тупаре на денешната промоција на книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро и пошироко во Македонија“
 |  Маја Савиќ  | 
Тупаре

Голема среќа и благослов е што сме се родиле и живееме во градот на светлината , на бреговите на најубавото езеро во светот  и најстарото во Европа, македонското слатководно море на чија синевина и светлост никој не останал рамнодушен. Охридското езеро има посебно место во нашите животи.  Денеска на оваа визита промовираме една книга којашто е времеплов во минатото и која ги зачувува од заборав фактите, традицијата и културата кои се во тесна врска со езерото, кажа Валентина Нелоска, промотор на  книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро и пошироко во Македонија“ од Здравко Тупаре.

„Здравко Тупаре дипломиран правник, некогашен веслач, тренер и судија, вљубеник во езерото.  Пишува за пловните објекти, за изградбата на пристаништата, за почетоците на водените спортови. Ги бележи имињата на успешните спортисти.  Ќе останат запаметени имињата на плејада охриѓани кои дале свој придонес кон развојот на спортската култура и развојот на градот.  Книгата ќе остане траен белег за една младост и ентузијазам за идните генерации да продолжат да го сакаат и почитуваат езерото.  Пишуваме за да не заборавиме е максимата од која се водел авторот Тупаре. “ – кажа Нелоска пред присутните на промоцијата.  

Тупаре

Здравко Тупаре е познат како хроничар на Охрид, човек од старо охридско семејство, носител на значајни стопански функции во градот и еден од раководителите на веслачкиот клуб „Југ“.  На промоцијата кажа дека сограѓаните го познаваат како спортски работник кој скоро целиот свој живот се залагал за промоција и развој на водените спортови

„Одамна имав желба и мотив да напишам нешто за пловните објекти и почетоците на веслачкиот, кајакарскиот и едриличарскиот спорт и на бродарството во Охрид. Колку успеав во тоа ќе кажат читателите. Мислам дека ќе има млади генерации кои подетално ќе пишуваат на оваа тема. Во книгата се спомнати голем број охриѓани кои биле дел од развојот на овие спортови, ако некого сум пропуштил се извинувам, но да се напише книга на 80-тина години не е така лесно.  Се надевам дека оваа книга ќе послужи и како едукативно четиво за многу други идни генерации.„ – кажа Тупаре.

За ТВМ авторот на книгата раскажа неколку интересни историски податоци кои се поместени во делото.

„Почетоците на едрењето, првата официјална едрилица во Кралството Југославија  ја има направено мајстор кој беше охридски зет. Тој по ослободувањето со група мајстори почна да прави едрилици, кајаци и поправка на спортските кајчиња за кои тогаш постоеаја само две работилници во Панчево и Сплит.

Во книгата доста пишувам и за чуновите кои претежно се користеле за риболов, но и за свечени пригоди. Со нив се одело во Студенчишта каде се пеело и играло. Мојот татко ми кажуваше дека приќето од Викторија Поп-Стефанија, најстарата пејачка во Охрид, го донеле со чун и со чалгии од Струга во Охрид.

По ослободувањето, директорот на Рибарската задруга Пере Рупе заедно со спортски работници организираа натпревари од устието на каналот Студенчишта до Пристаништето во кои учествуваа рибари од Охрид , Пештани и Трпејца. “ –  кажа Тупаре.

Книга Тупаре

Здравко Тупаре почнал да се занимава со веслање во 1949-та година кога, како што вели, од Загреб дошол првиот веслачки тренер Едуард Јунек – Едо. А последно веслање му  било во 1960-та година на Државно првенство на Дунав во Нови Сад.

„Порано не можевме од Охрид да носиме чамци на море или на Блед, на езерата , на Палиќ, на Ада Циганлија и ни позајмуваа. Кога веслаш на позајмен чамец не е исто. Но и со тие чамци победувавме и постигнувавме врвни резултати.  За веслачи на векот во 2000тата година ги прогласивме  Симон Ѓурчев и Јулијана Николиќ Иваноска која во 1979 година со Југословенската репрезентација на Балканскиот шампионат во Софија беше избрана за јуниорски првак..“ – раскажува Тупаре.

Тупаре во 9-тата деценија од животот со носталгија се присетува на старите времиња, но и со тага посочува дека на денешните младинци во Охрид потребно е да им се обезбедат подобри услови за занимавање со водените спотови. Потребни се хангари, опрема, тренери, финансии, вели Тупаре и додава дека му влеваат надеж неколку ентузијасти во Охрид кои прават напори да го вратат сјајот на едрењето.

Книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро и пошироко во Македонија“ од Здравко Тупаре  е издадена со поддршка на Општина Охрид.