Skip to main content

Чудата и благодатите на Свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото

Преподобен Наум Охридски Чудотворец

Наум Чудотворецот бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во неговиот манастир, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција.
 |  Маја Савиќ  | 
Св Наум Охридски

Преподобен Наум Охридски Чудотворец бил еден од најблиските ученици и соподвижници на светите рамноапостолни Кирил и Методиј (спомен на 11/24 мај).

Од својата младост тој ги следел учителите во Великоморавија и Панонија, каде што во текот на многу години (863-885) подвижнички живот им го проповедал Божјото слово на словенските народи на нивниот роден јазик. Споменот на светиот рамноапостолен Наум се твори на 20 јуни/3 јули, 23 декември/05 јануари и 27 јули/9 август заедно со светите Климент, Сава, Горазд и Ангелариј.

За животот и дејноста на св. Наум Охридски постојат оскудни податоци. Иако животниот пат на светите Климент и Наум Охридски во одредени периоди течат речиси идентично, св. Наум е во сенка во однос на св. Климент. Изворите од кои се црпат податоци за него се: двете словенски житија, грчкото житие, Панонските легенди и Пространото Климентово житие. Овие расположиви извори овозможуваат реконструирање на неговата животна врвица како просветител, духовник и мисионер.

Свети Наум Охридски потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, заминал во Првото бугарско царство, каде го поминал остатокот од својот живот. Првично Свети Наум Охридски живеел во престолнината Велики Преслав, каде се приклучил во работата на Преславската книжевна школа.

Свети Наум Охридски и Охридската книжевна школа
Подоцна Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на Свети Климент во работата на Охридската книжевна школа. Свети Наум Охридски бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дрембица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Свети Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил.

Додека свети Климент во Охрид ги вршел светителските/епископските трудови, преподобен Наум изградил манастир во чест на Светите Архангели, на јужниот брег на Охридското езеро, кој станал извор на благочестие и прибежиште за бедните. Околу него се собрале многу монаси, бидејќи тој бил мудар учител, строг подвижник, чудотворец и молитвеник. Тој неуморно се трудел над преводот на Светото Писмо на словенски јазик. Заедно со светителот Климент тие биле наречени „нови Мојсеј и Арон.” Таму тој е подвизувал десет години и го завршил својот земен пат во 910 г, примајќи пред смртта монашки постриг.

Литературната дејност на Свети Наум Охридски
Во манастирот собрал големо монашко братство. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На Свети Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј; и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.

Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од св. Климент во манастирската црква.

Светата Црква набргу го вброила преподобен Наум во соборот на светите, а манастирот што тој го оснавал станал познат меѓу народот како манастир на свети Наум. Таму и досега почиваат неговите свети мошти, лекувајќи – со силата на Христовата благодат – душевни слабости и болести.

Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција.

Во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека „чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19 век. Во 1925 година, српскиот епископ во Охрид, владиката Николај, издал книшка со триесет чуда, преданија и кажувања, пишувајќи дека „Свети Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето“. Во една легенда се вели дека охридскиот цар му го изградил манастирот, додека во друга легенда, запишана од Бранислав Нушиќ, се вели дека манастирот бил царски дворец кој Свети Наум го добил како подарок за излекувањето на царската ќерка.