Skip to main content

Два еко бродови на електрична енергија требаше да крстарат по езерото

Не запловија еколошките бродови по Охридското Езеро

По три години откако беа најавени се уште не запловија еколошките туристички бродови по Охридското Езеро. 1,5 милиони евра одобрени преку ИПА програмата за прекугранична соработка ќе пропаднат доколку не заврши реализација на проектот. Требаше да бидат набавени два еко бродови на електрична енергија, кои ќе служат за крстарење, и водено поврзување на трите езерски градови.
 |  инфодеск  | 
Брод

Не запловија најавените еко бродови по Охридското Езеро.  Проектот започна пред три години,одобрени беа   1 милион и 500 илјади евра од ИПА програмата за прекугранична соработка. Со нив беше предвидена  набавка на два   еко  бродови на електрична енергија, кои  ќе служат за крстарење, и водено поврзување на трите езерски градови. Ваквите бродови се согласно препораките на УНЕСКО за развој на водениот сообраќај без штетни последици врз еко системот.

Доколку не заврши реализацијата до крајот на годинава  овој проект ќе пропадне.

„Имавме многу кочници едноставно не успеавме. Има една последна шанса очекуваме некоја промена ако тоа се случи ќе биде позитивно за сите. Тоа е една преголема атракција со што би се развивал бродскиот сообраќај” – вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Бродското поврзување на трите езерски градови требаше да  биде нова  димензија во туристичката приказна на Охридското езеро, да овозможи патување од Свети Наум до Радожда, а со тоа и поголема посетеност на сите локалитети вдолж брегот на езерото.

„Водениот сообраќај во Македонија во моментов е 95% е Охрид- Свети Наум. Имаме пристаниште во Охрид и во Свети наум и тоа е се што имаме. Секако дека е заштитено, не зборуваме да го загадиме езерото, зборуваме да се користи тој воден сообраќај помодерно подобро, постојат електрични бродови”, – додава Крсте Блажески.

Во минатото со брод биле поврзани трите градови, а во седумдесеттите години имало редовна бродска линија Охрид Струга. По половина век пауза во 2014 година беше возобновена  бродска линија меѓу Охрид Поградец, која поради слабиот интерес на комерцијалните бродови згасна во 2017 година.

Новинар Соња Рилковска