Skip to main content

МЖСПП сѐ уште нема официјална информација од албанска страна

Кај Тушемиште на брегот на Охридското Езеро се гради со полна пареа

И покрај реакциите на албанските и македонските екологисти, од Тушемиште до Дрилон на самиот брег на Охридското Езеро и натаму се гради со полна пареа. Во период кога Унеско бара мораториум на градба, албанските власти градат пристаниште и шеталиште во заштитениот појас. Македонското министерство за животна средина се уште нема добиено никаква официјална информација од албанската страна за било какви градежни активности.
 |  инфодеск  | 
Тушемиште

Тешка механизација работи со полна пареа на брегот на Охридското Езеро од албанска страна. Во време кога Унеско бара мораториум за градба во заштитениот појас засилено се гради од Тушемиште до Дрилон.  Градежните активности се одвиваат во непосредна близина Националниот парк Дрилон, биолошки резерват заштитен од УНЕСКО. Во самата вода се гради шеталиште и пристаниште.

Tusemiste

И после еден месец од отпочнувањето на градежните зафати  македонското министерство за животна средина се уште нема добиено официјална  информација за проектот.

„Министерството за животна средина и просторно планирање нема добиено никаква официјална информација ниту навестувања од албанската страна за било какви градежни активности што се од заеднички интерес/заштита на Охридското Езеро. “ – стои во одговорот на министерството.

Изградбата на пристаниште и шеталиште на целата крајбрежна зона од Дрилон до Тушемиште наиде на силни критики од албанските, но и од македонските екологисти. Тие бараат да се почитуваат препораките на УНЕСКО и мора да запрат сите активности  на брегот на езерото.

„Сите проекти или идеи кои што се поврзани со Охридското Езеро, треба да се договараат заеднички со консензус. Така што  за било која интервенција мора да се праша и македонската страна но и обратно. Според она што Унеско го бараше според нивните последни реактивни мисии тие забранија секакви интервенции да се вршат на брегот независно дали е на македонска или на албанска страна”, вели Ѓоко Зороски – екологист.

Невладините велат токму поради ваквите мегаломански проекти во заштитениот појас од страна на Унеско беше предложено  Охридскиот регион да се најде на листата на загрозено светско културно наследство.

Новинар Соња Рилковска 

Рама не се секира за УНЕСКО, багери работат на „ренесансата на Поградец“ | Портал ТВМ (tvm.mk)

Шукова очекува реакција од УНЕСКО за градењето кај Тушемиште | Портал ТВМ (tvm.mk)

Кај Тушемишта не се градело, се чистел теренот, дознала министерката Шукова | Портал ТВМ (tvm.mk)