Уставниот суд времено го запре издавањето изводи со етничка припадност
Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за утврдување на уставноста на Упатството за водење на матични книги во врска со воведувањето графа за етничка припадност. Постапката се поведува поради непочитување на уставно пропишаниот рок од седум дена за негово објавување во Службен весник.
Имено, министерот за правда Кренар Лога го потпишал Упатството на 29 мај, а во Службен весник е објавено на 15 јуни.
Притоа Уставниот суд донесе решение со кое времено се запира извршувањето на обрасците кои веќе се во примена, односно изводите од матичната книга за родените, со оглед дека останатите обрасци се со одложена примена од 1 јануари 2024 година. Додека Уставниот суд не донесе конечна одлука за овој предмет не смеат да се издаваат тие изводи.
Според министерот Лога одлуката на Уставниот суд е „купување време“. Тој најави дека ќе има нов прочистен текст на упатството кој ќе биде деновиве пуштен за објавување.
Инаку, министерот за правда при потпишувањето на Упатството, изјави дека додавањето на графа за етничка припадност во изводите било со цел да се избегнат злоупотребите по етничка основа при пријавување на работа на конкурси за вработување во јавната администрација.