Skip to main content

Општина Дебрца

Ногачески: Нула толеранција за дивите депонии низ Дебрца

Сите заедно се боревме во Дебрца да нема регионална депонија, да ја сочуваме нејзината природна убавина. За жал, некои како да заборавија на таа борба.“-вели градоначалникот.
 |  инфодеск  | 
депонија ДЕбрца

Последниве неколку месеци во Дебрца се случува неконтролирано депонирање на инертен отпад/градежен шут насекаде. На местата кои во изминативе години општината и по неколку пати ги расчистуваше повторно никнуваат депонии со што директно се загрозува природната и животната средина.

Во моментов мини депонии со градежен пут никнуваат кај мостот на патот Волино Требеништа и покрај старото корито на река Сатеска, во местноста Аџица, село Волино, во непосредна близина на каптажите за вода кај Св.Мартинија во село Требеништа, под поранешното фудбалско игралиште,село Оровник , Црвени Брегови село Мешеишта, на влезот во село Грко Поле, кај фудбалското игралиштето,село Лешани, кај Царо Поле,село Ново Село, долж патот од Белчишта кон Сини Вирој.

„Сите овие локации во изминатиот период општината ги има повеќекратно чистено. Сите заедно се боревме во Дебрца да нема регионална депонија, да ја сочуваме нејзината чистота и природна убавина и успеавме. За жал, некои како да заборавија на таа борба.“ – вели градоначалникот Зоран Ногачески и најавува нула толеранција за несовесното однесување на поединци.

Градоначалникот вели дека 90% од прекршителите се детектирани и дека на сите ќе им бидат доставени записници и задолженија во најкраток рок да го отстранат отпадот и да ги санираат локациите. Во спротивно,ќе бидат поднесени пријави, за кои согласно законот се изрекуваат високи глоби.

Ногачески ги потсетува дебрчани дека согласно член 54 од Законот за управување со отпад инертниот отпад се депонира на депонии за кои општината има добиено согласност од Министерството за животна средина. Бидејќи општина Дебрца нема таква депонија инертниот отпад треба се депонира кај овластени собирачи на таков отпад, за што се плаќа одреден надоместок.

„Ве уверувам дека никој инвеститор и транспортер на инертен отпад,спротивно на законот,било да се работи за физичко или правно лице нема да биде изземен. Сите прекршители кои нема да постапат по задолжението на општината ќе бидат и јавно објавени.“ – дециден е градоначалникот.

Тој апелира и ги охрабрува граѓаните да го пријавуваат секој ваков случај до општината.