Skip to main content

Патната инфраструктура кон двата туристички центри и натаму е очајна

Делницата Подмоље – Охрид не ја менува сликата за лошата патнa инфраструктура

Иако од вчера е отворен влезот кон Охрид од Подмоље, граѓаните се незадоволни од патната инфраструктура. Патот Кичево Охрид речиси цела деценија е во изградба, комплетно небезбеден за возачите. Изминатиот месец градежни активности беа вршени на самиот влез во Охрид, каде е поставен нов асфалт на половина од делницата. Граѓаните бараат конечно да заврши изградбата на автопатот Кичево Охрид.
 |  инфодеск  | 
Подмоље Охрид

Иако од вчера е пуштена  во употреба делницата од магистралниот пат Охрид-Кичево кај Подмоље која, поради градежни работи, од минатиот месец, беше затворена за сообраќај, граѓаните не се задоволни.

Патната инфраструктура кон двата туристички центри и натаму е во очајна состојба. Огромни дупки, лоша сообраќајна сигнализација, безброј пренасочувања. Патот Кичево Охрид речиси цела деценија е во изградба, комплетно небезбеден за возачите.  Изминатиот месец градежни активности беа вршени на самиот влез во Охрид, каде е поставен  нов асфалт на половина од делницата.

Граѓаните велат наместо делница по делница, одамна требаше целиот автопат да биде готов.

„Автопатот ќе остане така за споменик, ама имаме многу споменици што да правиме“, вели еден граѓанин.

„Патот не е добар. Требаше да се направи автопат за брзо и безбедно да стигнуваме“, вели друг граѓанин.

„Многу одолговлекуваат многу, ова е катастрофа. Требаше да биде направен патот досега требаше да биде готов. Сега тие пред сезоната што пат ќе прават немаа досега време“, вели трет граѓанин.

За пуштањето на делницата најпрвин вчера информираа од СВР Охрид, а подоцна се пофалија и министерот за транспорт  Бочварски и директорот на ЈП ДП Рустеми

,,Делницата Подмоље – Охрид ја вративме за сообраќај денес за сите возила и пред рокот.Од денеска сите граѓани, туристи, и сите што ја користат оваа делница ќе можат да возат по главната траса за побезбеден сообраќај. “ – кажа Бочварски.

Се што правиме е со цел развој на Охридскот регион и туризмот во Охрид, продолжуваме со силно темпо да работиме и на останатите делови од автопатската делница Кичево- Охрид.” –напиша на својот Фејсбук профил министерот.

Со години се зборува за силно темпо во изградбата на автопатот Охрид Кичево,  но на терен состојбата не се менува.

Последните градежни активности за време на летната сезона и пренасочувањето на сообраќајот по стариот пат Охрид Струга, направија вистински  хаос во сообраќајот изминатиот месец, застој и нервоза кај возачите  но и голем револт кај туристичките работници и општината, кои алармираа на штетите кои ги трпи туризмот поради лошата патна инфраструктура.

Новинар Соња Рилковска