Дрвокрадци ги соголија шумите во Свиништа
При сопствени шуми, без дрва. Дрвокрадци ми ги соголија имотите во Свиништа, надлежните не преземаат ништо, се жали до редaкацијата на ТВМ, ТВМ Александар Климоски. Тој има близу 50 000 м2 имот претежно шума во околината на Свиништа, а живее во Охрид. Вели дека му се украдени стотина кубици дрво. Објаснува дека не е единствениот оштетен жител на ова планинско село во кое живеат едвај триесетина луѓе. Вели оние кои бесправно сечат немаат милост, се сече секаков вид шума, дури се уништуваат и стеблата од овошните насади со една цел, да се дојде до профит.
„Tоа е огромна количина на дрва. Исто така тие се организирани, не можи тоа со коњи и со магариња да се изнесе, тоа се носи со возила, со трактори со камиони. Сметам дека се работи за организиран криминал. Не се работи за еден два кубици дрво да се услужи човек, туку се работи за препродажба за оствaрување на профит. Има и други оштетени, дури се жалат дека дрвата од овошките , крушите, сливите, јаболката им се сечат по нивите. Се само да се дојде до профит. “ – вели Климоски.
Шумата вели е оставена на милост и немилост на дрвокрадците. Со години наназад се врши сеча на огревно дрво и тој постојано пријавува кај надлежните. Вели се обратил до Подружницата на Национални шуми, до полицијата, до јавното обвинителство па и до Министерството за земјоделие шумарство и водостопанство.
„Пријавено е во МВР, во Основниот суд за криминал и корупција, во Шумска полиција, во Министерството за земјоделство, шумарство во Скопје, чекам одговор од надлежните. Барам, постапката да се заврши во најбрз рок. Барам надлежните да преземат мерки според закон. “ – вели Климоски.
Последен случај бил во февруари годинава кога екипи на МЕПСО поради безбедност на коридорот на далеководот ТС-Охрид ТС-Ресен извршиле сечење на дрва на негова катастарска парцела кои биле преблиску до фазните проводници. Притоа го известиле да си ја подигне дрвната маса исечена од неговиот имот бидејќи е негова сопственост. Но дрвокрадците биле побрзи, од дрвната маса Климоски нашол само гранки.
Нецел месец подоцна по пријава од Климоски извршена е контрола од Шумска полиција дека од шума во негова приватна сопственост се исечени бесправно 6 кубици дабово огревно дрво. Нема крај на овој грабеж, резигнирано вели Климоски.