Денеска се празнува Свети Јован Крстител– летен, повеќе познат како Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов.
Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот архангел Божји Гаврил му се јави на првосвештеникот Захариј во ерусалимскиот храм. Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Захарија не поверува веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врза со немост, па остана нем с ? до осмиот ден по раѓањето на Јован. Тој ден се собраа роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име. Па кога го прашаа таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напиша на табличка: Ј о в а н. Јазикот му се одврза во тој час и тој почна да говори. Домот Захариев беше на височината меѓу Витлеем и Хеврон. Гласот дека на Захарија му се јави ангелот Божји, дека онеме, а потоа му се одврза јазикот штом го напиша името Јован, се разнесе по сиот Израил. Овој глас дојде и до Ирод. Затоа Ирод, кога испрати да се заколат децата во Витлеем, прати луѓе и во ридското престојувалиште на семејството Захариево, за да го убијат и Јован. Но Елисавета благовремено го сокри детето. Разјарен од ова, царот Ирод испрати џелати кај Захарија во храмот (зашто се погоди тој повторно беше чреден за служење во ерусалимскиот храм) да го убијат. Захариј беше убиен меѓу притворот и храмот, а неговата крв се засири и се скамени на плочите и остана како неизбришливо сведоштво против Ирод. Елисавета со детето се скри во една пештера, во којашто набрзо таа умре. Младенецот Јован остана сам во пустината, препуштен на грижа на Бога и Неговите ангели.
Со Иванден се поврзани многу обичаи, верувања, но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ.Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иваново цвеќе, коешто го ставаат во ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. На свети Јован Крстител црквата му посвети неколку празници, и тоа не случајно. Овој светител беше наречен најголем меѓу родените од жена, со што е потврдено неговото посебно место во човечката историја. Иванден е еден од големите христијански празници од летниот циклус каде се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов. Во македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот солстициј, односно со периодот на долгодневицата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот солстициј, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања. Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.