Skip to main content

60 години славење на љубовта

Љубовта на охриѓанката Елисавета и галичанецот Оливер ќе се слави на Галичка свадба

Годинава охриѓанката Елисавета Булоска ќе биде галичка невеста, а нејзиниот избраник Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески е зетот.
 |  инфодеск  | 
Галичка невеста

Од 14-ти до 16-ти јули ќе се одржи Галичката свадба. Манифестацијата која ја слави традицијата и љубовта годинава одбележува 60-годишен јубилеј. Галичник е прекрасен е во секој период од годината, но најубаво ќе го доживеете за време на Галичката свадба.

Кој бил – знае, кој не бил – ќе се покае доколку не го стори тоа набрзо. Галичката свадба се одржува секоја година околу Петровден. Богата е со многу оригинални, единствени и неповторливи свадбарски обичаи и ритуали: пиштењето на зурлите, чукањето на тапаните, свекрвиното оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата “Св. Петар и Павле “, како и надалеку познатата галичка носија, изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите.

Годинава охриѓанката Елисавета Булоска ќе биде галичка невеста, а нејзиниот избраник Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески е зетот.

Месната заедница Галичник ја објави програмата за годинешната јубилејна 60-та Галичка свадба.

„Со радост ја објавуваме програмата за годинешното јубилејно издание на Галичката свадба. Повелете, придружете ни се во славењето на љубовта! Благодарност до нашите партнери чија помош и поддршка овозможува живот на ова живо културно наследство. Ве очекуваме!“- порачуваат организаторите.

Летните фестивали и традиционалните манифестации во Северна Македонија, код на културата на Балканот. Македонците се горди на традиционалните вредности кои останале длабоко вкоренети во порите и начинот на живот кој пулсира во ритамот на 7/8 такт.