Денеска министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, во рамки на претседавањето со Организацијата во 2023 година, ја презентираше иницијативата за формирање на Охрид Центар за мир и медијација.
Според Османи идејата е овој Центар да биде белег на нашето претседателство со ОБСЕ, истиот ќе е од истражувачки карактер и под покровителство на Организацијата.
“Партнерство помеѓу Владата на Северна Македонија и ОБСЕ со интенција да прерасне во регионален центар за мир, посредување, решавање конфликти, еден вид форум за регионален безбедносен дијалог и истражување, во рамки на целиот ОБСЕ регион. Во фокусот на Центарот: младите, жените, дипломатите, академската заедница и граѓанското општество. ” – истакна Османи .
Интенцијата е Охрид Центарот да стане регионален но и хаб во рамки на целиот ОБСЕ регион за истражување, анализи, медијација при решавање на спорови и конфликти од внатрешна или меѓудржавна природа.
Предвидено е Охрид Центарот да биде дополнителна алатка на ОБСЕ која ќе се развива етапно.