Судењето за родилката од Дебар се враќа на почеток, судијата и обвинителот заминуваат во пензија
Повторно одложено судското рочиште за родилката од Дебар, Јилдз Веапоска, која при породување во 2020 година во струшката болница, остана без три органи: бубрег, матка и јајник. На денешното рочиште требаше да сведочи вештак од Клиниката за гинекологија и акушерство но тој не дојде поради годишен одмор.
Веапоска видно вознемирена и разочарана, рече нема никакви очекувања од струшкиот суд но најави дека нема да се откаже од правда.
„Јас правдата колку години ќе ја барам, бидејќи сум физички оштетена а овде во ходниците судски и психички ќе се пореметам, така што можеби до мојата смрт правда ќе има” – рече Јилдз Веапоска родилка од Дебар.
После долго одолговлекување, судскиот процес се враќа на почеток, бидејки судијата Живко Аврамовски и обвинителот Благоја Даскаловски заминуваат во пензија.
„Секој бега како ѓавол од крст од овој предмет, ама нема каде да бегаат јас ви гарантирам. Еден ден ќе падне пресуда и јас ви гарантирам дека таа ќе биде осудителна. Нема каде да бегаат од вистината и од правдата”, – рече Сашо Јанев адвокат на Веапоска.
Следното рочиште од процесот кој се води против тројца гинеколози од струшката болница кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето се одложи на неопределено.
Новинар Соња Рилковска