Охридски гимназијалци во видео спот на НАТО за подигнување на еколошката свест
НАТО објави видео спот за покренување на свеста за еколошките проблеми и климатските промени во која учесници се и ученици од ОСУ „ Св Климент Охридски“ Охрид, кои беа наградени за нивниот проект за покренување на еколошката свест под менторство на проф. Марија Чанова.
Меѓународниот воен совет за клима и безбедност (IMCCS) со поддршка од мисијата на САД во НАТО ги повика младите луѓе низ Арктикот, Медитеранот, Источна Европа и пошироко да ги споделат своите лични приказни за влијанијата на климатските промени во нивните заедници.
На видеото, младите лидери од Шпанија, Албанија, Франција, Украина, Грција, САД, Италија, Алжир, Холандија и Македонија, ја изразија својата загриженост за благосостојбата и безбедноста на нивните домови, како и последиците од несправувањето со климатските ризици.
Како дел од Глобалната кампања за климатски промени на НАТО, беше распишан конкурс за изработка на кратко видео во кое ќе бидат опфатени еколошки прашања и проблеми кои се закана за светот. ОСУ Св Климент Охридски зеде учество на конкурсот под менторство на професорката Чанова која организираше тим на ученици од четврта година за изработка на видеото. За тим лидер беше избран ученикот Андреј Митрески, а учесници беа учениците од општествено-хуманистичко подрачје, комбинација Б од класот IV-4.
Меѓународниот воен совет за клима и безбедност (IMCCS) со поддршка на Мисијата на САД во НАТО го избраа овој тим како еден од најуспешните во меѓународни рамки. По тој повод тие се дел од видеото кое ќе биде прикажано во кампањата #MyClimateSecurityStory.
Видеото ќе биде емитувано на телевизиите ширум светот .