Skip to main content

60-та Галичка свадба

Елисавета: Во Галичник почна нашата љубов, таму и ќе ја овековечиме

Почетокот на годинашната „Галичка свадба“ ќе биде означен в сабота, 15 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Утрото в недела ќе биде венчавањето на младенците во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.
 |  инфодеск  |  ,
Елисавета и Оливер галичка свадба

Организаторите на традиционалната културна манифестација „Галичка свадба“ денеска на прес-конференција ја претставија програмата на настанот, што ќе се одржи од 14 до 16 јули под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и со поддршка од Министерството за култура. Галички младенци на 60. издание на „Галичка свадба“ се Елисавета Булоска и Оливер Андреевски.

„Галичка свадба е повеќе од обичен настан. Таа е вистинско патување низ времето, магичен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите што ги чуваме со голема почит. Ова е време кога се слават љубовта, семејството и заедницата“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Според Костадиновска-Стојчевска, на Петровден, писокот на зурлите и екот на тапаните ќе нѐ потсетат дека нашите традиции се живи и заштитени, а народот обединет околу своите културни вредности и обичаи.

Костадиновска-Стојчевска им посака долг и спокоен живот на младенците Оливер и Елисавета.

„Во Галичник почна нашата љубов со Оливер и драго ми е што ќе ја овековечиме таму. И многу сме среќни и тука сме еден за друг да се поддржиме“, рече Елисавета која е од Охрид.

Потекло од Галичник има Оливер, од каде што потекнуваат неговите предци.

„Пет години се знаеме и цело време ѝ зборувам за Галичник. И така се одлучивме да се пријавиме да учествуваме и со голема желба, љубов и почит кон нашите предци да учествуваме на свадбата заедно со нашите семејства и да се венчаме токму во Галичник со сите обичаи“, рече Оливер.

Инаку, традиционално, почетокот на годинашната „Галичка свадба“ ќе биде означен в сабота, 15 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени познатите свадбарски ритуали – „пречек на тапаните“ и „свекрвино оро“ – а ќе биде одиграно и „Тешкото“ – оро кое го симболизира испраќањето и пречекот на печалбарите, што била честа појава во овие краеви. Утрото в недела, 16 јули, ќе го одбележат традиционалните свадбени обичаи, а венчавањето на младенците ќе се изврши во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.