Од денеска до почетокот на октомври повторно пред влезот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид е отворено бесплатно книжевно катче, кое ќе функционира 24 часа.
„Лани го имавме првото искуство од овој вид и охрабрени од позитивните реакции на домашните и странските туристи еве по втор пат се одлучивме да профункционира Отворената бесплатна библиотека.“ – велат од оваа Установа.
Трезорот на библиотеката е богат со странска литература особено на англиски и германски јазик, но и на мноштво други јазици. Принципот е едноставен, гостите ќе можат да позајмат, но и да разменат и остават свои книги на ново изработените полици за оваа намена . Контингентот книги кој секојдневно и по потреба ќе се надополнува е составен од донации на читатели. На овој начин на туристите ќе им се овозможи одморот да го поминат во дружба со книгата, додаваат од Библиотеката.