ЈП „Водовод“ доби транспортно возило за поголема ефикасност при санирање дефекти
Продолжува иницијативата за јакнење на логистичките капацитети на јавните комунални претпријатија од градов со нова современа опрема. Денес, Јавното претпријатие „Водовод Охрид“ доби на користење транспортно возило, со кое ќе се зголеми ефикансоста на претпријатието во решавањето на дефекти низ Охрид. Преку проектот „Јакнење на капацитетите на јавните комунални претпријатија преку набавка на опрема“ кој го реализира Центарот за развој на Југозападен Плански Регион, во партнерство со Општина Охрид, досега за јавните претпријатија „Водовод“, „Комуналец“ и „Нискоградба“, набавена е опрема во вредност 7,5 милиони денари, информираше, Кирил Пецаков – Градоначалник Општина Охрид.
„Новото возило се очекува да придонесе за подобра ефикансост на секторот за водоснабдителни објекти, производство и третман на вода за пиење во ЈП „Водовод Охрид“. Ќе се обезбеди поефикасно и поекономично извршување на работните обврски, потреби за транспорт на вработени, алат и полесни градежни машини до местото каде е потребно да се вршат одредени интервенции, како и изведување на ископаниот материјал и пренос до депонијата за градежен шут.“ – кажа Пецаков.
За потребите на ЈП „Охридски Комуналец“ и „Нискоградба“ ќе се набавуваат два трактори со пропратна опрема. Вкупната вредност на проектот е 8,1 милион денари од кои 1.4 милион денари се сопствено учество на Општина Охрид, а остатокот е од Програмата за рамномерен регионален развој, 2022/2023 која се реализира со средства од Бирото за рамномерен регионален развој. За другиот партнер Општина Дебрца, набавени се 323 канти за отпад со капацитет од 240 литри.
„Во рамки на истата програма центарот спроведува и два други проекти, едниот за енергетска ефикасност на јавни објекти и искористување на обновливи извори на енергија, а другиот за изградба на патна инфраструктура за развој на руралниот туризам, со вкупна вредност на сите три проекти од 56 милиони денари.“ – кажа директорката на Центарот за развој на Југозападен плански регион, Мирјана Лозаноска.
Застарената логистика на јавните претрпијатија мора тековно да се заменува и осовременува. Старите камиони и трактори бараат одржување кое е скапо, а нивната ефикасност, со текот на времето е се пониска. Новото возило е камион кипер марка „Isuzu“ со двојна кабина и ќе биде од големо значење за најголемото јавно претпријатие во Охрид.
„Најнапред една голема благодарност до Општина Охрид и Бирото за регионален развој, за оваа насушна потреба на ЈП Водовод од едно вакво наменско возило кое ќе ги задоволи потребите на јавното претпријатие во делот на транспорт на алат и материјали да може една цела екипа да излезе на терен и да изврши целосна услуга.“ – кажа Марјан Ристески – Директор – ЈП „Водовод Охрид.
Проектот е одобрен од Министерството за локлална самоуправа и Бирото за регионален развој а реализирано од Центарот за развој на Југозападен Плански Регион, во партнерство со Општина Охрид, која издвои финансиски средства за поддршка на проектот од сопствениот буџет.