Британскиот амбасадор Метју Лосон во посета на Регионална Телевизија ТВМ
Британскиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е. Метју Лосон денес ја посети Регионалната телевизија ТВМ. Поводот за денешната посета е тоа што проектот на ТВМ „Ти си твојот град“ кој е дел од програмата „Media for All“ спроведена од Британски совет во партнерство со Фондацијата „Томсон“, БИРН (Балканската истражувачка мрежа) и ИНТРАК, беше избран за најуспешна приказна од Македонија.
Амбасадорот Лосон оствари средба со директорката на ТВМ Ирена Арнаудова и новинарката Соња Рилковска, при што изрази големо задоволство од реализација на проектот „Ти си твојот град“, чија главна цел е да се активираат граѓаните да креираат содржини и да иницираат теми кои сметаат дека се важни за заедницата во која живеат.
Посебно беше импресиониран од интересот и учеството на граѓаните од четирите општини Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани во проектот, преку кој станаа активни граѓани кои регистрираат појави, со помош на ТВМ ги прават повидливи, бараат одговори и решенија од надлежните или се трудат да ја подигнат јавната свест во разни сфери од општественото живеење.
Лосон ги разгледа просториите на ТВМ, се запозна со вработените во медиумот и техничката опременост, а воедно изрази желба да биде од другата страна на камерата во студиото на ТВМ.
Амбасадорот потенцира дека бритинската амбасада е особено заинтересирана за поддршка на проекти како Ти Си Твојот Град, кои во фокусот го имаат јавниот интерес и потребите на граѓаните.