Македонија доби Национален регистар на подземни води
Македонија го доби Националниот регистар на подземни води. Регистарот обработува 13 процеси и 65 тематски целини. Со новата платформа ќе се дигитализираат и процедурите за остварување на водното право, а корисниците ќе можат целиот процес од аплицирање до добивање на дозволите да го направат онлајн. Заедно со новиот регистар се изработи и мобилна апликација, како алатка за контрола и инспекторирање, на која ќе може да се направи преглед на издадените дозволи.Според министерката за животна средина, Каја Шукова земјава има висок процент на користење на подземните води, но досега нивниот потенцијал не е ниту доволно истражен, ниту искористен и што е најважно, не е доволно заштитен.
„Македонија има многу пдоземни води, прашањето е како истите ги искористуваме, дали тоа го правиме на рационален одоржлив начин?. Овој проект ќе ни помогне на ниво на цела држава да ги идентификуваме подземните води, што е еден од условите понатаму да можеме соодветно да ги управуваме, да ги заштитме и да го следиме нивното количество.“ – истакна Шукова.
Таа нагласи дека со дигитализирањето, не само на податоците, туку и на процедурите и известувањето се олеснува пристапот до истите, извршувањето на процесите за управување со подземните води и се скратуваат постапките за издавање на управни акти за користење и испуштање на води. Националниот систем за податоци и нивно управување, вклучува собирање на податоци, нивна дигитализација и конверзија. Овој систем ги следи барањата на националното и европското законодвство и со него се имплементираат две европските директиви – Рамковната директива за води и Директивата за подземни води.
„Нема живот без вода и многу често, вредноста на водата е занемарена и свеста за итноста да се воспостави ефективен систем за заштита и управување на водите на одржлив начин е ниска. Предизвикот е уште поголем, кога станува збор за подземните води, бидејќи тие се невидливи за нас.“ – истакна амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман.
Системот е дел од Националниот информативен систем за животна средина со што се зголемува транспарентноста, се поедноставуваат административните процедури и им овозможува на носителите на одлуки да ги донесат врз основа на веродостојни податоци и со вклучување на сите релевантни чинители во самиот процес. Дополнително, ќе овозможи достапност на податоци на заинтересираните граѓански организации со обезбедување пристап до одредено ниво, со што целиот процес на управување со подземните води ќе биде потранспарентен и со поголема одговорност и отчетност на институциите. Проектот е финансиран од Швајцарската Конфедерација, а е спроведуван од страна на Конзорциумот Интелитенг Нетворк Солушанс и Градежен Институт Македонија.