Skip to main content

Владата ги спои концесиите, активистите порачувааат – рудник нема да има!

Македонија против рудникот во Иловица

Се одржаа протестната блокада против спојување на концесијата за рудникот Иловица-Штука. Се бара од државните институции да спречат отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.
 |  инфодеск  | 
Скриншот простест рудник

Граѓаните, во организизација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ – Струмица и Еколошкото здружение Еко Долина – Ново Село, денеска одржаа протестна блокада против спојување на концесијата за рудникот Иловица-Штука. Се бара од државните институции да спречат отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.

Протестот се организира по информацијата дека Владата донела одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден што според активистите, значи дека е можнa изградба на рудникот Иловица-Штука, откако Управниот суд ја уважил жалбата на канадската компанија „Еуромакс“.

„Оваа реакција следува по шокантното спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука од страна на Владата, која без никаква правна основа одлучи да им ги ресетира и продолжи роковите за спојување, како и да прикаже дека концесионерите и досега ги почитувале законите на Република Македонија. А напротив, концесионерите од ‘Еуромакс рисорсис’ го имаа прекршено Законот за минерални суровини по повеќе основи, поради што Владата во 2019 година им ја одзеде едната концесија за експлоатација, додека за втората концесија немаа ни побарано дозвола за експлоатација. Имено, законскиот максимален рок од 4 години за добивање дозвола за експлоатација, сметано од денот на склучување на договор за концесија, беше истечен и за двете концесии – за едната концесија во јули 2016, а за другата концесија во јануари 2020. Првата концесија беше одземена токму поради неисполнување на дури 7 од 9 неопходни услови за валидно барање за експлоатација!“,се вели во повикот на еколошките здруженија организатори на протестот.

Екологистите и граѓаните на протестот со слоганот „Македонија заедно се бори против рудникот“ укажаа дека „рудникот на смртта“, како што го нарекуваат, ја става во опасност целата земја затоа што земјоделските производи од струмичкиот регион се наоѓаат на трпезите на сите граѓани.

„Здрава котлина“ ги објави барањата, како што велат, за заштита на јавниот интерес, здравјето на луѓето и животната средина:

1. Бараме итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии. Особено отежнувачка околност е залогот врз концесијата во финансиска кредитна трансакција со Ројал Голд, кој се јавува како трето лице. Целата оваа конструкција не е законска!

2. Бараме разрешување на претседателите на Управниот и на Вишиот управен суд, поради тендециозна и погрешна примена на законите и постапките, како и поради донесување сосема различни пресуди во зависност од моментот. Врвот беше последната пресуда за враќање на концесијата, што е различна од сите претходни 11 пресуди во пинг-понг процесите изминатите 4 години, а е директно поврзана со влезот на НД Груп со 25% удел во Еуромакс Ресурси.

3. Бараме одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства, кои биле вклучени во овој нелегален процес на спојување на концесиите. Сите што се огрешиле пред законот треба да бидат соодветно казнети, зашто е груба манипулација тврдењето дека спојувањето е принудно поради одлука на судот. Во пресудата е јасно наведено дека судот одбива да ги спои концесиите и оти е тоа дискрециона одлука на Владата, дали ќе ги спои или не.

4. Бараме Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на дејствувањата и релациите меѓу сите вклучени одговорни лица, од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување, злоупотреба на службена положба и овластување, како и здружување и заговор помеѓу политичко-економски структури со извршната и со судската власт за потенцијално огромно оштетување на буџетот на државата. Постојат силни индиции за можна корупција и организиран економски криминал на повеќе нивоа, почнувајќи од влез во сопственичка структура, преку влијание во судот и извршната власт, до обезбедување документи и дозволи.

Mинистеркaтa за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова како што најави вчера, го поддржа денешниот простест на кој се појави со министерската за труд и социјални работи Јована Тренчевска.

За протестот со соопштение се огласија од „Еуромакс рисорсис“. Апсолутно злонамерна шпекулација е дека актуелната одлука на управните судови, по која постапи Владата, е прва судска пресуда во корист на „Еуромакс рисорсис“, велат од компанијата.

„Имено, во март и во ноември 2020 година, Управниот и Вишиот управен суд со правосилна пресуда ја прифатија тужбата на „Еуромакс рисорсис“, воспоставувајќи тогаш цврст судски став за потврдување на правните аргументи за неопходноста од одлучување за спојување на двете концесии. Во рударскиот комплекс Иловица – Штука ќе се применуваат најбезбедни и најсовремени методи за експлоатација на минерални суровини. Нема никаква основа за каква било грижа дека здравјето на граѓаните и животната средина се под некаква закана. „Еуромакс рисорсис“ е компанија каде што клучен инвеститор е глобалниот деловен гигант Групацијата Трафигура, која како врвен приоритет ги имплементира највисоките светски стандарди во рударството. Впрочем, и одредени рударски комплекси кои се или биле управувани од Групацијата Трафигура потврдуваат дека рударството и земјоделието може да коегзистираат и да се развиваат заедно. Затоа, ние од „Еуромакс рисорсис“ силно веруваме во тој „вин-вин“ концепт дека во современи услови рударството, земјоделието и туризмот може паралелно да се надградуваат.„ – стои во соопштението.

Додаваат дека се убедени дека планираната инвестиција „Иловица-Штука“ е во најдобар интерес за регионалната и националната економија, како и за локалните управи и нивните развојни буџети. 

извор: Здрава котлина/ скриншот Фејсбук