Skip to main content

Мониторинг на ИЈЗ

Квалитетот на водата во Охридско Езеро е одличен, освен на познатите црни точки

Хотели, угостителски објекти, шанкови, приватни домови на брегот со години наназад го загадуваат езерото на одредени точки, нотира ИЈЗ.
 |  инфодеск  | 
Ohridsko ezero

Квалитетот на водата во Охридското Езеро e od 1 и 2 класа. Според анализата на Институтот за јавно здравје квалитетот на примероците површинска вода во најголем дел од мерните места се класификацираат како ОДЛИЧНА, а на неколку како ДОБРА.

„По извршените теренски увиди и добиените лабораториски анализи на примероците површинска вода од Охридското Езеро, според Уредбата за класификација на водите, како и Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, водата од Охридското Езеро земена во период од 1.1.2023 година до 28.6.2023 година ги исполнува законските барања во однос на физичко – хемиската анализа и истата се класифицира во I и II класа“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Квалитетот на примероците површинска вода од мерните места Пристаниште (плажа), Градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа Струга, хотел Бисер Струга (плажа), с. Калишта Струга (плажа), Радожда Струга (плажа), камп Ас Струга (плажа), се оценуваат како класа добра“.

Во извештајот од мониторингот се нотирани црните точки на кои има загадување на езерските води кои претставуваат проблем со години и кои не и се непознати на јавноста.

Хотел „Десарет”, автокамп „Градиште”, „Љубаништа” и „Ливадишта“, ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум”, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во 2013 година, но истиот не функционира. Во фазата на третман на отпадни води постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото, се наведува во извештајот од ИЈЗ.

„Перзистираат објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи. Тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на охридското крајбрежје, од хотел „Десарет“ до Св. Наум, потоа, хотелско-угостителските објекти и туристичките населби од Струга до Радожда. Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел „Бисер“ и с. Калишта“, – наведено е во извештајот.

Потенцијални загадувачи се и приватните куќи сместени на брегот од охридското езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео.

„Приватните куќи од Радожда кои користат септички јами најверојатно понираат или се празнат директно во езерото“, наведено е во извештајот.

Како загадувачи посочени се и шанкови поставени на самиот брег на езерото на самите плажи, како и испустни цевки за собирање на атмосферски води кои се влеваат езерото, со можност за (намерно или ненамерно) приклучени отпадни фекални води од колективните станбени згради и приватни куќи.

Како потенцијални загадувачи се наведени и реките кои директно се влеваат во езерото – Черава (доаѓа од Албанија и директно се влева во Св. Наум), Сатеска, Велгошка, Коселска река, Црни Дрим и Радика.

Но, бидејќи станува збор за Езеро со значителен број на извори, постојано струење на вода, голема водна маса со способност за самопречистување, ова загадување не предизвикува големи промени во класата на водата“, велат од ИЈЗ.

Во извештајот се наведени предлог-мерки за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните (површински) води на Охридско езеро, како целосна изградба и поврзување на колекторскиот систем, негова поправка на места каде има дефекти, сите хотелско-угостителски објекти, приватни куќи, колективни стамбени згради, како и селските населби од Св. Наум до Радожда, да се приклучат во колекторскиот систем, а не во одводниот систем за атмосферски води.

Целосниот извештај за квалитетот и безбедноста на површинските води за капење во Охридското езеро ОВДЕ.