Додека во Струга заврши реконструкцијата на затворениот базен и ќе биде отворен ова лето, во Охрид изградбата на овој спортски објект се провлекува со години.
Изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид започна уште во 2015 година, но до денес никако да се наполни со вода и да запливаат пливачите. Градежните работи стагнираат, остана само металната конструкција обрасната со трева, а овој проект се најавува на секои избори со различни рокови за реализација.
Спортските тренери од градот велат, жално е најмладите кои сакаа да се занимаваат со пливање да немаат услови каде да тренираат во текот на целата година.
„Отворањето на затворениот базен би имало придобивки не само за градот туку и за целиот регион. Прво би се развило пливањето и сум повеќе од убеден со овој интерес што го имаме на деца со оваа бројност би го достигнале нивото барем на клубовите во национални рамки. За две до три години би дошле да сме можеби не подобри меѓутоа тука тука”, – вели Миле Јовановски тренер.
И додека талентите чекаат соодветни услови за тренинг, се одлучуваат за друг спорт ,бидејќи за сериозно занимавање со пливањето, потребен е континуитет во тренажниот процес.
„Ние со работата само во текот на летните месеци не можеме ниту да гарантираме резултат, ниту на некој начин да ги обврземе децата дека ете да им кажеме вие сте пливачи. Децата со спортски дух и во текот на оние останати месеци кога не може да пливаат си избираат некој друг спорт што е сосема во ред. Јас верувам дека со една соодветна спортска инфраструктура која не треба да биде привилегија туку право на секое дете би дошле до задржување на интересот за пливање во текот на целата година”, додава Јовановски.
Пливањето како спорт во градот на вода е достапно само два до три месеци на отворениот базен во спортскиот центар „Атина Бојаџи” или во езерските води. Но тоа не е доволно за развој на водените спортови. На Охрид му е повеќе од потребен функционален затворен пливачки базен, за да може да се врати на врвот на македонското пливање, но и за развој на спортскиот туризам во градот.
Новинар Соња Рилковска