Денешниот чин на дарување органи им дава надеж на пациентите од Здружението „Храбро срце“
Од Националното Здружение на пациенти со механичка потпора на работата на срцето и нивни поддржувачи „Храбро срце“ изразуваат најсикрено сочувство до семејството на донорот, со чија безусловна добрина и хуманост четворица пациенти добија нов живот, откако денеска за прв пат во историјата на македонското здравство, од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт.
На пациентите кои ги добија органите им посакуваат побрзо закрепнување.
„Секоја чест и за целокупниот медицински персонал што ги извршува трансплантациите. Пациентите од НЗ „Храбро срце“ не ја губат надежта дека во скоро време, по долги години чекање, и тие ќе добијат втора шанса за живот.“ порачаа од Здружението.
Од „Храбро срце“ уште еднаш го споделија апелот за логистичка поддршка од македонската Влада за обезбедување транспорт.
„Имаме неопходна потреба од дополнителна логистичка поддршка – да се обезбеди и да се плати превозот на тимот за трансплантација од странство за да може да пристигне во Македонија, во рок од три часа од моментот кога ќе има достапен орган за трансплантација за LVAD/BIVAD пациент.“- велат од „Храбро срце“.