Поставен видео надзор на видиковецот кај Паднатите борци кој редовно беше затрупан со отпадоци
Од ЈУНП Галичица деновиве поставија видео надзор на видиковецот, во месноста Паднати борци, кој установата го користи за своите активности со најмладите охриѓанчиња кои учат за природата и живиот свет во националниот парк.
Се врати сјајот на ЗЕЛЕНАТА УЧИЛНИЦА, велат од НП Галичица.



„Зелената училница изминатиот период беше уништена и често затрупана во отпад од несовесни граѓани, па ни претставуваше голем проблем во спроведувањето на едукативните активности во природа. Зелената училница сега е обновена, осветлена и под ВИДЕО НАДЗОР. Наставата во природа сега ќе можеме успешно да ја спроведуваме и во летниот период. “ – објавија од НП Галичица.
Инаку оваа локација која претставува собиралиште на млади луѓе, со години постојано беше актуелизирана од еколошки здруженија и активисти кои апелираа да не се фрлаат отпадоци, бараа поставување повеќе садови за одлагање отпад и воедно организираа акции за чистење на местото.




