Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, советници во Советот на Општина Охрид, претставници на политички партии, установи и здруженија утрово во Паркот на Револуцијата положија букети свежо свеќе пред спомен – обележјата на Илинденците. Делегациите се поклонија и оддадоа почит пред херојските дела на борците за слобода и независна татковина од 1903 и 1944-та.
Синоќа во Велгошти пред спомен обележјето на Илинденците се одржа свеченоста „Ноќ спроти Илинден“.
„Денес, чувствата се силни, дамарите бијат зошто со мислите се враќаме во едно дамнешно време во кое поважна била татковината од сопствениот живот. Исклучително горди не прави Илинденскиот манифест на којшто многу често се навраќал нашиот Гоце Делчев, а во кој се вели „Македонија им припаѓа на сите МАКЕДОНЦИ , без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи”, истакна во своето обраќање пред присутните градоначалникот Пецаков.
„Нема народ без минато, без сопствена историја, а нашата е богата со крв и саможртва, со востанија и револуции, по кои изгревало сонцето на слободата. Секоја генерација има своја борба, секое време носи промени, нив ќе ги прифаќаме но само со почитување на минатото и врз таа основа ќе ги учиме и насочуваме нашите деца. Нашата денешна борба е да создадеме развиен Охрид, град кој ќе биде спокојно и привлечно место за живеење за сите охриѓани и привлечен туристички центар за бројни гости од земјава и странство. Нека се честити двата Илиндена 1903 и 1944.“ – кажа Пецаков.
Историски осврт кон Илинденското востание и неговото значење одржа м-р Михаил Патчев по што следуваше културно-уметничка програма.
Денеска делегации од Општина Охрид положија свежо цвеќе на спомен обележјата на Илинденците на Прентов мост и во селото Плаќе.