ЦЈЗ: Поради чадот од Буково да не се отвораат прозори рано наутро и во вечерните часови
Деновиве, особено во вечерните и раните утрински часови, во Охрид и пошироката околина видлива е заматеност во воздухот и се чувствува непријатен мирис на чад, неофицијално, предизвикано пред се од горењето на комуналната депонија во Буково.
Од Центарот за јавно здравје – Охрид апелираат до граѓаните на Охрид, гостите, туристите, додека не се реши проблемот со горењето на комуналниот смет на депонијата во Буково, во вечерните и утринските часови да не ги отвораат прозорците и доколку почувствуваат мирис на чад, да останат во своите домови.
„Поради опасноста што може да ја предизвика опасниот чад предизвикан од неконтролирањето спалување/горење на комуналниот отпад, врз здравјето на луѓето, Центар за јавно здравје апелира до надлежните институции веднаш да преземат соодветни мерки и активности за решавање на проблемот. Особено предупредуваме луѓето кои непосредно ќе учествуваат во справувањето со комуналниот смет на депонијата која гори, да користат соодветни заштитни средства (маски, очила и сл.)“ – потенцираат од центарот за јавно здравје.